„Белата чума“ останува горлив проблем во Македонија, трендот на опаѓање на наталитетот продолжува.
Минатата година на свет биле донесени 21 484 новороденчиња, од нив 21 333 биле живородени – што е за 2 проценти помалку во однос на 2017 година, покажуваат најновите податоци од Статистика. Дури 12 проценти од живородените бебиња се вонбрачни, а просечната возраст на мајките кои родиле е 29 години.
Граѓаните кои ги анкетиравме велат дека „изворот“ на проблемот се младите кои во денешно време одлучуваат да стапат во брак во подоцнежни години бидејќи образованието и кариерата ги ставаат високо на нивната приоритетна листа. За дел од нив причина се и финансиите.
За социолозите демографското стареење е сложен процес за кој требаат добри политики за негово искоренување а не класични популистички методи, особено во земја како нашата каде сиромаштијата е на високо ниво. Традиционалните семејни вредносни форми кои се губат и индивидуалноста во која сакаат да уживаат младите доведува до ниска репродукција.
Македонија со нискиот наталитет се соочува години наназад. Само за споредба, во 2010 година бројот на новородени бебиња изнесувал 24 296 или речиси 3000 повеќе од лани.
2010 – 24 296
2011 – 22 770
2012 – 23 568
2013 – 23 138
2014 – 23 596
2015 – 23 075
2016 – 23 002
2017 – 21 754
2018 – 21 333