„Повторно деновиве го гледаме вистинското лице на СДСМ и ДПМНЕ. Пазарот никако да престане. Кога се во прашање партиските интереси, тие се спремни да манипулираат и манипулираат со денови и на крај да седнат и да се договорат. Притоа потенцираме најважен им е партискиот интерес, а не интересот на граѓаните.
Си договараат закон за Јавно обвинителство и си предлагаат обвинители без око да им трепне, правната фела ја игнорираат, исто како и Советот на обвинители. За пописот исто така најавија дека ќе разговараат, па дури и се согласија да зборуваат за предвремени парламентарни избори. Е арно ама најважното го заборавија. Промена на изборниот модел. Неопходно е да се промени сликата за Собранието и начинот на носењето закони. Собранието не смее да биде гласачка машинерија, а пратениците да му бидат по мерак на лидерот.
Го потсетуваме премиерот Заев дека во изборната програма од 2016 година СДСМ има запишано:
„Ќе предложиме пратениците да се избираат по принципот на отворени листи, а Република Македонија да биде една изборна единица. На тој начин, секој глас ќе вреди подеднакво, а граѓаните директно ќе ги избираат своите претставници“.
Епа господа од власта сега е шансата да покажете дали ова е искрено ветување или чист популизам. Господа од опозицијата ова е шанса и за вас доколку навистина се борите против носењето на штетни законски решенија кои земјата ја враќаат назад“.
Прво промена на изборниот модел, па избори“, велат од Граѓанско Демократска Унија.