Казни, а не апели да ги исплатат парите. Експерти, работници, јавноста – сите бараат Управата за јавни приходи да ги казни фирмите кои зеле државни субвенции, а не им исплатиле плати на вработените.

Директорката на Управата за јавни приходи вчера изјави дека имаат сознанија дека некои работодавачи од повеќе градови во земјава практично ја злоупотребиле мерката која Владата ја носеше за помош на фирмите во криза. Станува збор за работодавачи од Скопје, Тетово, Гостивар, Струга. Согласно правилата тие добиваа помош за платите за да не ги отпуштаат вработените.

Таа апелираше газдите да ги исплатат платите.

„Сите работодавачи што не ја испочитувале оваа законска одредба да го направат тоа кон своите вработени, бидејќи целта беше да се зачуваат работните места, а не парите да ги земат работодавачите. Да го направат тоа пред да бидат јавно објавени, вели Лукаревска.

Појасни дека доколку не се постапи и по овој апел, веќе се во координација со Државниот инспекторат за труд за да се преземат мерки согласно закон, кој предвидува присилна наплата, глоби и враќање на средствата назад.

Бранимир Јовановиќ екс советник на поранешниот министер за финансии вели дека казните мора да се испорачаат веднаш.
„Ако ова не се направи, секоја фирма во иднина ќе знае дека може слободно да си ги крши законите на штета на работниците и да поминува неказнето. И во иднина, кога ќе се дизајнираат вакви мерки, парите директно да им се исплаќаат на работниците, а не преку фирмите“, објави Јовановиќ.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here