Како и во изминатите години, во чест на Тоше ќе трчаат десет маратонци и денеска напладне треба да стигнат во Крушево на неговото вечно почивалиште на Гумење.
Земјава и Балканот се сеќаваат на Тоше Проески кој на денешен ден пред тринаесет години трагично го загуби животот во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка, на пат кон Загреб.
Како и во изминатите години, во чест на Тоше ќе трчаат десет маратонци и денеска напладне треба да стигнат во Крушево на неговото вечно почивалиште на Гумење. Поради пандемијата годинава маратонот се одржува на територијата на нашата држава – од преминот Табановце, преку Скопје до Крушево. Двајца претставници на маратонците ќе истрчаат 10 километри во Нова Градишка, Хрватска, и таму ќе положат цвеќе во спомен на Тоше.
Пречекот на маратонците ќе го организираат средното училиште „Наум Наумоски-Борче“, основното училиште „Никола Карев“ и Општина Крушево. Како и досега, на влезот на Крушево маратонците ќе бидат пречекани со црвени рози. Тринаесет години од смртта на Тоше ќе бидат одбележани кај новоизграденото спомен-обележје на неговото почивалиште на Гумење, за кое Владата обезбеди 10 милиони денари.
На музичката ѕвезда почит ѝ оддадоа и велосипедисти од тиквешкиот регион кои од 20 септември во рамки на проектот „Од срце за Тоше“ возеа низ цела држава за да пристигнат во Крушево. Годинава на 9 август на Крушевското Езеро, пак се одржа првиот пливачки маратон „Тоше Проески“ организиран од пливачкиот клуб „Вардар 2018“ од Скопје, со идеја да биде традиционален. На маратонот имаше повеќе од 40 учесници кои пливаа два и пол километри.