Германската канцеларка Ангела Меркел денес е видена како повторно се тресе додека се поздравува со финскиот премиер Анти Рине, што е трет напад на тремор во текот на изминатите месец дена, објави Ројтерс.
Меркел се тресеше додека стоеше до Рине за време на воените почести по повод неговото доаѓање.
Портпаролот на германската влада рече дека Меркел е добро.
На германската канцеларка не ѝ беше добро и на 27 јуни кога стоеше покрај германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер на церемонијата за назначување на нов министер за правда.
На Меркел тогаш и понудиле чаша вода што ја одбила.
По половина час, Меркел пристигнала во парламентот и изгледала добро.
Речиси истата сцена се одигра и додека Меркел го пречекуваше украинскиот претседател Володимир Зеленски, десет дена претходно.
Меркел стоеше веднаш до Зеленски на сонце додека воениот бенд ги свиреше химните на Германија и Украина кога почна да се тресе.
По интонацијата на химната, таа делуваше подобро.
„Испив најмалку три чаши вода, кои очигледно ми беа потребни, и сега ми е многу добро“, рече тогаш Меркел.
На крајот на дводневниот Самит на Г-20 во Осака, Меркел рече дека ги разбира прашањата на новинарите за нејзиното здравје, но истакна дека се чувствува добро.
„Добро сум“, рече Меркел (65) на крајот од дводневниот Самит на Г-20 во Осака.
Таа додаде дека е убедена дека таквите реакции „како доаѓаат, така и си одат“.