Почна асфалтирањето на улицата „Анте Банина“ во населбата Сењак 4 во Штип. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов на денешниот увид во градежните работи рече дека ова е дел од големиот инфраструктурен проект, на кој претходно се работеше на замена на старата и дотраена водоводна линија.
-Денес очекувам да се завршат активности за асфалтирање на потегот на улицата „Анте Банина“, главната сообраќајница, која што ги поврзува населба Сењак 4 со населба Баби, на која што претходно се работеше на промена на главна водоводна линија и заради која што имавме активности преку ЈП „Исар“ во изминатите недели. Практично Сењак 4 се приклучи со нова водоводна линија, заменувајќи ја старата дотраена цевка, која што создаваше проблеми и на сообраќајницата, но и кај граѓаните, изјави Јорданов.
Тој најави дека од утре ќе се влезе и со активности за партерно уредување на сите влезови на станбените згради во оваа населба. Со завршувањето на овие активности, жителите на Сењак 4 ќе добијат подобар и поефикасен систем за водоснабдување, како и безбедна и обновена улица за непречено движење.