Комисијата за зaразни болести воопшто не ѝ предложила на Владата датум за отворање на границите и аеродромите без тестови и задолжителен карантин, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК. Членовите на комисијата биле изненадени од синоќешната владина одлука за отворање на границите од петок, а аеродромите од идната среда. Исто така, комисијата не препорачала датум ниту за отворање на теретаните, како и за внатрешноста на кафеаните, како едни од најризичните места за пренос на коронавирусот, поради високите бројки на новозаразени.
На прашање дали е вистина дека Комисијата за заразни болести на Владата ѝ предложила датум за отворање на границите и аеродромите, без никакви рестрикции д-р Жарко Караџовски, претседател на комисијата, кусо одговори: „За тоа ќе го прашате премиерот.“
Комисијата планирала допрва да се разговара за конкретен датум за отворање на границите и аеродромите и воопшто не го предложила 26 јуни (петок) како датум, како што изјави утринава премиерот Оливер Спасовски на прес-конференција.
За работата на трговските центри во недела и внатрешноста на угостителските објекти пак, воопшто не било ни дискутирано.
„Таму кај што е гужвата, таму е заразата“, вели извор од комисијата.
Оттаму велат дека се донесени протоколи за отворање на аеродроми, граници и теретани, меѓутоа Комисијата не препорачала датум за нивно отворање, затоа што бројките што ги кажува епидемилошката статистика уште не дозволуваат опуштање.
Спасовски утринава рече дека отворањето на границите без никакво ограничување и почнување со работа на аеродромите не е политичка одлука донесена во пресрет на изборите, туку, е донесена по анализите и препораките на Комисијата за заразни болести.
Вицепремиерот Бујар Османи вчера на Фејсбук напиша дека е време да се отвораат аеродромите и границите без никакви ограничувања.