Во објектот на штипската модуларна болница се работи на поставување мебел, клима уреди, а се со цел во најбрзо време да биде функционална и да се отворат специјалистичките амбуланти за „Мој термин“, информира директорот на Клиничка болница-Штип, Владко Захариев.
Тој истакна дека во соработка со Општина Штип ќе се работи и на времен паркинг простор кој ќе биде обезбеден за пациентите, и ќе може да се користи.
-Процесот на реконструкција на модуларната болница во Штип е во втора фаза. Се работи на средување на вратите, мебел, поставување клима уреди, поправка на струја. Исто така во координација со општината и градоначалникот планираме синхронизирано да може да се работи на алтернативен паркинг, кој би бил времен паркинг простор за пациентите. И се надеваме дека во скоро време ќе се пушти во функција, изјави Захариев.
Тој посочи дека над 150.000 пациенти на годишно ниво поминуваат низ специјалистичките амбуланти во Клиничка болница-Штип. Со ставањето во функција на модуларната болница ќе се намали и гужвата пред главниот влез на болницата.
-Тие што се пациенти во „Мој термин“ да бидат во горната половина на болницата, кај модуларната, додека тие кои ќе бидат итни ќе бидат во делот, каде што сега е приемно одделение. Со тоа се надеваме дека ќе се намали метежот со автомобили пред болницата, рече Захариев.
Во модуларната болница првично е предвидено да бидат сместени 15 амбуланти, каде ќе се вршат специјалистички и субспецијалистички прегледи преку „Мој термин“.