Бојан Јовановски, познат како Боки 13 и за Зоран Милески, познат како Зоки Кичеец тргувале со влијание за случајот „Империја“ на СЈО – објави „360 Степени“ на повикувајќи се на неофицијални, но добро упатени извори. Според она што го објави „360 Степени“, Боки 13 го користел СЈО за рекет од 8 милиони евра.
Се работи за предметот во кој Орце Камчев, Сашо Мијалков, Цветан Панделески и 10 други лица се сомничат за повеќе кривични дела, меѓу кои измама и перење пари. Петмина осомничени, меѓу кои Камчев и Мијалков, завршија во притвор за овој случај во првата половина на ноември 2018 година, за само месец и половина подоцна, на крајот на декември, СЈО да се премисли и наместо дотогашниот затворски да побара куќен притвор за осомничените во овој предмет. Образложението беше дека успешно се прибрани сите докази и потребни сведочења.
Денеска основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција отвори истражна постапка и бара притвор за Бојан Јовановски, познат како Боки 13 и за Зоран Милевски, познат како Зоки Кичеец. Јовановски се сомничи за кривичните дела примање награда за противзаконито влијание и за перење пари, додека Милески само за противзаконито влијание. Двајцата осомничени тргувале со влијание, убедувајќи луѓе кои се дел од истражна постапка дека се моќни кај јавен обвинител.
Во истиот период кога во медиумите се појави информацијата за приведувањето на Боки 13 и Зоки Кичеец, специјалната јавна обвинителка Катица Јанева објави дека поднесува неотповиклива оставка.
Откако обвинителството објави дека двајцата осомничени тргувале со влијание, убедувајќи луѓе кои се дел од истражна постапка дека се моќни кај јавен обвинител медиумите инсистираа да биде објавено името на јавниот обвинител. Но
Иако медиумите инсистираа, ниту обвинителката од организиран криминал, Вилма Рускоска, ниту републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески не сакаа да кажат за кој обвинител станува збор. Не објаснија ниту дали трговијата со влијание, благодарејќи на моќта на обвинителот се остварила. Обвинителството е на став дека засега немаат докази за незаконско постапување на јавен обвинител, но и дека обвинителот за кој станува збор не бил повикан да даде исказ.
„Предмет на кривичното дело е самото тргување со влијанието. Други се прашањата дали дошло до остварување на тоа влијание или не дошло до тоа влијание. Сите тие прашања во текот на истрагата ќе бидат истражени и испитани“, рече Јовески.
Јавниот обвинител беше прашан и дали денешната оставка на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева е поврзана со истражната постапка. Тој, одговори дека оставката е нејзин личен чин кој тие нема да го коментираат.