Во изминатите две години по потпишувањето на Договорот за пријателство и соработка завршени се многу работи кои порано беа незамисливи, благодарение на владите во Скопје, Софија и Атина, со кои се отвори перспективата Северна Македонија на паток кон Европа, истакна бугарскиот премиер Бојко Борисов на заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев.
– Не беше лесно, беа вложени големи напори што дадоа резултати, кои беа препознаени и наградени со заедничкото претседателство на Бугарија и Северна Македонија со Берлинскиот процес. Европа и светот го ценат тоа што во регионот на Западен Балкан има храбри политичари. Секојдневно треба да работиме, времето е кусо, за да ги затвориме т.н. конфликтни прашања, рече Борисов.
Бугарскиот премиер изрази надеж дека ќе се најде решение и за отворените прашања во врска со историските личности и настани.
– Се надевам дека историчарите не само што нема да попречуваат туку ќе вложат дополнителни напори да најдат решенија за историските прашања кои ќе не обединуваат, порача Борисов.
Тој очекува билатералната соработка да продолжи во сите сфери, особено за инфаструктурното поврзување.
Борисов заедничката прес-конференција се извини што неодамна граѓаните на Северна Македонија ги нарече „северномакедонци“.
– Извинете што кажав северномакедонци, тоа беше моја грешка. Граѓаните на Република Северна Македонија, простете, но несакајќи го кажав тоа, изјави Борисов.