Владата на Николас Мадуро го прогласи германскиот амбасадор за персона нон грата и му нареди да ја напушти земјата во рок од 48 часа интензивирајќи ја политичката криза во Венецуела.

Одлуката за протерување на Даниел Кријнер, кој од минатата година се наоѓа во Каракас е објавена на Твитер од страна на министерот за надворешни работи на Венецуела, Хорхе Ареаза.

Ареаза рече дека одлуката се заснова на „повеќе акти на мешање на Даниел Кријнер во внатрешните работи на земјата“.

Во соопштение, владата на Мадуро го обвини Кријнер и германската влада – која е меѓу оние кои минатиот месец го признаа ривалот на Мадуро, Хуан Гуаидо за легитимен лидер на Венецуела – за „глупаво“ и „незаконско“ мешање во венецуелските прашања.

„Како резултат на тоа, на Кријнер му е даден рок од 48 часа да ја напушти територијата на Боливарската Република Венецуела“, се додава во соопштението.

Германската канцеларија за надворешни работи соопшти: „Можеме да потврдиме дека амбасадорот Даниел Кријнер е прогласен за ‘персона нон грата’. Во моментов ги разгледуваме понатамошните чекори, како и со нашите партнери на терен“.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here