Најновите податоци од испитувањата на три потенцијални вакцини за ковид-19, вклучително и од универзитетот Оксфорд, ја зголемија довербата дека вакцината може да го обучи имунолошкиот систем да го препознае и да се бори против коронавирусот без сериозни несакани ефекти. Дали некој од овие напори ќе резултира во вакцина способна да заштити милијарди луѓе и да и стави крај на глобалната пандемија која однесе повеќе од 600.000 животи, сè уште не е јасно. Потребни се многу пообемни студии за да се докаже дека тие можат безбедно да спречат инфекција.
Вакцината што ја разви британската фармацевтска компанија AstraZeneca заедно со тим истражувачи од универзитетот Оксфорд, предизвика имунолошки одговор кај сите учесници кои добија две дози без никакви загрижувачки несакани ефекти.
Вакцината против коронавирусот од CanSino Biologics Inc и единицата за воени истражувања во Кина, исто така, покажа дека е безбедна и предизвиа имунолошки одговор кај повеќето од 508 здрави доброволци кои добиле една доза од вакцината, објавија истражувачите.
Околу 77% од волонтерите од студијата доживеале несакани ефекти како треска или болка во местото на инјектирање, но ниту еден не се смета за сериозен.
И вакцините на AstraZeneca и на CanSino користат безопасен вирус познат како аденовирус за да пренесат генетски материјал од коронавирусот во телото. Студиите за обете вакцини беа објавени во списанието „Лансет“ на 20 јули.
„Севкупно, резултатите од двете испитувања се широко слични и ветувачки“, напишаа Наор Бар-Зеев и Вилијам Мос, двајца експерти за вакцини од Школата за јавно здравје Џонс Хопкинс.