Отворена продавница во Чаир, луѓето си пазаруваат, а само на неколку метри од нив полиција која ги проверува само дозволите за движење на оние кои се со возила.
Во репортажата на Телма од денешниот карантински ден во Скопје, покажува дека и во населбата Даме Груев одвреме навреме поминува полициска патрола, но граѓаните не се многу исплашени, а полицијата само ги предупредува да се вратат дома.
„Додека полицијата стои на крстосница и бара дозволи од возачите, на само неколку метри од нив – отворена продавница. Позачудувачки е редицата граѓани коишто мирно чекаа ред за да испаразат на сред полициски час. Движење регистриравме и во други населени места во скопско. Казни нема, само остри усни опомени за луѓето кои опуштено се движат надвор иако тоа не смеат да го прават“,
се вели во репортажата.
Многумина од граѓаните не ја оправдаа одлуката Скопје и дел од околните места да бидат под карантин, бидејќи голем дел од жителите го напуштија градот пред да почне полицискиот час за продолжениот викенд.
Скопје сè уште е со најголем број на заболени од ковид-19 со вкупно 658 активни случаи, а само денеска имаше 63 нови. Од скопските општини, во моментов Чаир предничи според бројот на активни случаи заразени од коронавирусот – 152, покажува најновата статистика на Министерството за здравство. По општини останатите случаи во Скопје се: Бутел 59, Гази Баба 58, Аеродром 53, Сарај 52, Центар 52, Карпош 40, Кисела Вода 29, Арачиново 23, Студеничани 18, Ѓорче Петров 17, Илинден 17, Шуто Оризари 12, Петровец 6, Чучер Сандево 3, Сопиште 2 и за еден случај се утврдува од која општина е.
Извор: telma.com.mk