Граѓаните кои скенираат фискални, можат да се откажат од заработените пари за првото тримесечје и истите да ги донираат во Фондот против Ковид-19. Од почетокот на годината до април, над 282 илјади граѓани скенирале речиси 50 милиони сметки, со што оствариле поврат на ДДВ од 5,6 милиони евра.
Во духот на солидарноста Владата донесе одлука повратот од парите од Мој ДДВ за првово тримесечје да можат да се донираат во Фондот против Ковид-19. Што треба да направат граѓаните, ако сакаат износот да го донираат?
Најпрво треба да ја надградиме апликација, софтверот, со што граѓаните ќе имаат на располаѓање две опции, „ДА, го донирам мојот поврат на ДДВ‘’ и „НЕ, благодарам“, а граѓаните ќе може да се изјаснат најдоцна до петти мај 2020 година. На 6 мај ќе започне исплатата на парите на сметките на лица кои нема да го донираат износот ов повратот на ДДВ, изјави Сања Лукаревска, директор на УЈП.
И кои се Вашите очекувања? Колку граѓани се надевате дека ќе се откажат од парите кои им следуваат?
Јас очекувам голем дел од граѓаните да го донираат износот, со оглед на новонастанатата состојбата со корона вирусот. Веќе имавме јавувања на лица кои сакаат да ги донираат парите од поврат на ДДВ, кои ќе се вложат онаму каде има најголема потреба од финансии, а тоа се болниците, медицинскиот персонал, набавка на маски и слично, додава Лукаревска.
Се намалуваат и наградите од МОЈ ДДВ Моја награда. Дневно ќе се доделуваат 10 награди од по 500 денари, додека месечните извлекувања од по 100 илјади денари во мај и јуни нема да се одржат, соопштуваат од министерството за финансии. Извлекувањата за повисоките награди ќе продолжат по 4 јули. Со ова фондот на наградната игра е намален за речиси 72 илјади евра, пари кои ќе се вложат во Фондот против корона вирусот.