Преговорите за датумот за избори влегуваат во цајтнот, утре завршува вонредната состојба, а позициите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ во однос на датумот за избори се и натаму се далеку. Обидот во овие преговори да се вмеша и меѓународната заедница и претседателот Стево Пендаровски засега не даде резултат.

Од она што го дознаваме од партиски извори е дека деновиве за ова прашање телефонски разговарале и Зоран Заев, претседателот на СДСМ и Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Заев останува на последната понуда избори на 5 јули, а Мицкоски би попуштил за избори некаде кон крајот на јули.

ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека епидемијата од коронавирусот во Македонија не е надмината, дека дневните резултати за новозаразени, излечени и починати лица не покажуваат никаков напредок во однос на надминување на кризата како што тоа здравствените власти сакаат да го прикажат. Избори спротивно на законот и на грбот на здравјето и животот на граѓаните не е опција, велат во ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата предложиле на избори да се оди 15 дена откако резултатите за новозаразени лица со ковид-19 бидат под 10 во низа од 14 дена. ВМРО-ДПМНЕ смета дека дури тогаш ќе може веќе да се зборува за ослабување на епидемијата и за можност од организирање на избори. Од партијата велат дека бојкотот на изборите како опција останува ако СДСМ остане на тоа дека треба да се организираат брзи избори и покрај тоа што бројот на новозаразени не опаѓа.

Утре завршува вонредната состојба, Владата на претседателот на државата треба да му предложи дали има потреба од продолжување на вонредната состојба, а овие 2-3 дена се чека и на можна лидерска средба на која со консензус би требало да се реши за датум за избори. Дипломатите и високите функционери во Брисел одблиску ја следат ситуацијата со изборите и преговорите помеѓу власта и опозицијата. Тие бараат консензус, но потсетуваат дека техничката влада „не може вечно“ да трае.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here