Македонскиот голман Филип Гачевски ја сочува својата мрежа „чиста“ на дерби-дуелот против Шкендија и влезе меѓу најдобрите 25 голмани во светот од прволигашите кои успеале да не примат гол на најмногу средби во актуелната сезона.
Гачевски вкупно 16 пати ја сочува својата мрежа недопрена оваа сезона. Тоа му донесе место на 23. позиција на листата и се наоѓа рамо до рамо со Едерсон, голманот на Манчестер Сити, кој исто така не примил гол на 16 натпревари.
Натпревари без примен гол на Филип Гачевски во сезона 2018/19:
2. коло – Ренова – Вардар 0-1
3. коло – Вардар – Македонија ЃП 1-0
6. коло – Работнички – Вардар 0-2
7. коло – Вардар – Силекс 1-0
8. коло – Победа – Вардар 0-1
9. коло – Вардар – Академија Пандев 3-0
11. коло – Вардар – Ренова 0-0
16. коло – Силекс – Вардар 0-1
17. коло – Вардар – Победа 3-0
18. коло – Академија Пандев – Вардар 0-0
22. коло – Беласица – Вардар 0-0
23. коло – Вардар – Шкупи 1-0
24. коло – Работнички – Вардар 0-2
25. коло – Вардар – Силекс 1-0
26. коло – Победа – Вардар 0-0
28. коло – Вардар – Шкендија 0-0
На врвот на листата по број на „чисти мрежи“ се наоѓа Гери Роџерс од ирски Дандалк, кој нема примено гол на 20 средби. По него следат Татсуја Морита (Мацумото, Јапонија) со 19 меча без примен гол, како и Висар Бекај од Приштина, кој нема примено гол на 18 меча, исто како и Андреј Климович (Шахтар Солигорск, Белорусија), Џанљука Курчи (Хамарби, Шведска), Андреј Горбунов (Торпедо, Белорусија), Алисон (Ливерпул, Англија) и Јан Облак (Атлетико Мадрид, Шпанија).
Филип Гачевски истовремено е и сопственик на рекордот по минути без примен гол во ПМФЛ. Како член на Брегалница, а потоа и на Вардар, тој успеа да остане со „чиста мрежа“ 912 минути и го помина големиот рекорд на Томе Пачовски кој немаше примено погодок 791 минута во сезоната 2007/08 кога го носеше дресот на Работнички.
До крајот на актуелната сезона, Вардар го чекаат натпревари со Ренова (дома), Македонија ЃП (гости), Беласица (дома), Шкупи (гости), Работнички (дома), Силекс (гости), Победа (дома) и Академија Пандев (гости).