„Не може Владата да одлучува за судбината на СЈО, а уште помалку кој ќе го води обвинителството. Премиерот кој до вчера жестоко се бореше за Катица Јанева и за СЈО сега преку ноќ сака да го закопа обвинителството кое требаше да се бори со криминалот и корупцијата. Предлага СЈО да стане дел од Основното обвинителство. Притоа премиерот не убедува дека со новиот закон кој го предлага, политичарите ќе немаат можност да одлучуваат за составот и раководството на новото обвинителство. И истиот тој премиер на истата прес- конференција кога зборуваше за новиот закон, со име и презиме кажа кој треба да го води обвинителството.
Господине Заев, дали оваа се гаранциите за независно вршење на обвинителската функција? Дали политичарите треба да одредуваат кои обвинители на која позиција ќе бидат? Зошто ја променивте политиката и се откажавте од СЈО? Дали за законот се консултиравте со правната фела, со невладините организации или предлагате чисто политичко решение кое го напишавте за три дена по оставката на Јанева?
Реформите во правосудството станаа заложници на големите политички прашања и лицемерно е кога „големите“ лидери зборуваат за право и правна држава. Затоа ГДУ силно се залага за промена на изборниот модел, се со цел да се спречи носењето на штетени законски решенија во иднина, како производ на политички договори и игри“, се вели во соопштението на политичката партија Граѓанско Демократска Унија- ГДУ.