Граѓанско Демократската Унија, денес прослави мал јубилеј од 60 дена откако градоначалникот на општина Штип, г. Благој Бочварски, вети дека за најбрз можен рок ќе ја санира цевката од колекторот во Ново Село, од која течат фекалии дирекно во река Брегалница.

Би сакале да му се заблагодариме на градоначалникот за ветеното и да ја изразиме нашата разочараност од нереализираното.

На сликите се гледа разликата помеѓу пред ветувањето и после ветувањето. Разликата е само во желбата за решавање на проблемот. Имајќи во предвид дека проблемот е стар, ние како граѓани на општина Штип сме благодарни и на толку.

Денеска по традиција во Штип се одбележуваат Светите 40 маченици или на штипски „Чет’рсе“. Се надеваме дека градоначалникот Благој Бочварски ќе ја санира цевката на колекторот, за да на нас од ГДУ не ни стане традиција секој месец да го потсетуваме за јубилејот од несанирањето на истата. Ако не се случи тоа, тогаш ќе мораме да преземеме и порадикални мерки како на пример човек кој што не си ја врши работата по службена должност, да му изречеме казна 10 посто на платата или по стара штипска традиција за „Чет’рсе“ да фрлиме четириесет камчиња од Исарот.

Сепак зборот е збор, но и навика си е навика. Од ветување куќа не се растура, но држава и општина се растура сигурно!

 

п.с: Пред 60 дена во Штип се поздравувавме со „Бог се јави, навистина се јави“. Денеска можеме слободно со „Бочварски вети, навистина вети“!

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here