На социјалните мрежи за денеска се најавени протести во Скопје, Тетово и Гостивар на кој ќе се бара од институциите да се преиспита одлуката за поскапување на струјата и да се формира ново независно тело на местото на Регулаторната комисија за енергетика. Протест против поскапување на струјата најавија и Независниот синдикат на градежни работници, инженери и трговци во градежништвото и ги повикаа сите производствени работници да излезат на протест
Одлуката за зголемувањето на цената на струјата предизвика остри реакции во јавноста и стравување дека тоа ќе влијае на зголемување на цените на производите и ќе ја зголеми инфлацијата. Според пресметките на Регулаторната комисија за енергетика со покачувањето од 7,4 отсто месечна сметка за струја од 1.500 денари ќе биде повисока само за 100 денари. Од регулаторна наведоа дека причина за поскапувањето се зголемените трошоци на енергетските компании поради коноронакризата.
На социјалните мрежи се појавија низа реакции и коментари од сите страни за тоа дека зголемените трошоци и загубите на енергетските компании на крајот ќе треба да ги платат граѓаните и стопанството. Некој од коментарите се дека зголемувањето на цената на струјата ќе го влоши и онака нискиот животен стандард, кој веќе е на удар од економските последици од пандемијата на коронавирусот.
-Криза е секаде во светот, не само кај нас, но државите наоѓаат механизам за да се задржи и онака кревкиот стандард кај населението. Во време кога расте бројот на отпуштања и се кратат платите, секој денар за граѓаните е важен. Поскапувањето на струјата не е мало. Ќе влијае на зголемување на цените на производите, ќе ја зголеми инфлацијата и ќе ја намали потрошувачката, изјави Миле Бошков претседател на Конфедерацијата на работодавачи.
Според пресметките ако просечна сметка за струја изнесува 1.000 денари, следниот месец таа ќе биде повисока за околу 70 денари, а оние домаќинства што за струја трошеле 2.100 денари, од септември ќе платат околу 150 денари повеќе.
Некој здруженијата и политичките партии побараа да се намали данокот на додадена вредност – ДДВ, со што практично и би се намалиле месечните сметки. Меѓутоа, според првиот човек на РКЕ, Марко Беслимовски, ако се намали ДДВ-то од 18 отсто на 5 отсто ќе се намалат и приходите на државата, што не е добро за буџетот.
На социјалните мрежи за денеска се најавени протести во Скопје, Тетово и Гостивар на кој ќе се бара од институциите да се преиспита одлуката за поскапување на струјата и да се формира ново независно тело на местото на Регулаторната комисија за енергетика.
Протест против поскапување на струјата најавија и Независниот синдикат на градежни работници, инженери и трговци во градежништвото и ги повикаа сите производствени работници да излезат на протест.
-Пресметав дека мојот џеб како просечен работник во текот на една година ќе се оштети за 500 денари. Не смееме да дозволиме покачување на платите од наши џебови, кое е популизам, а сега сакаат да го вратат, вели Атанас Трајковски претседател на НСГРИТ.
Според податоците на „Евростат“ поевтина струја од Македонија има во Србија, Косово и во Украина. Најскапа струја во ЕУ се плаќа во Германија од 0,3 евра за киловат-час, додека најевтина во Бугарија, каде што е трипати пониска. Меѓутоа, просечните плати во земјите со поскапа струја се повисоки од нашата.