Деновиве се случувала вистинска драма која предизвикала огромен стрес и паника што ги покосиле македонските граѓани кои се сместени во хотел Макпетрол, објект кој е пренаменет во карантин за граѓани на Македонија кои пристигнуваат од други држави.
Безредие и неколку немили настани го одбележале 14 дневниот карантин на група граѓани кои пристигнале во Македонија од Словенија.
Во продолжение следува сведоштво на група на македонци кои укажуваат на преживеаните стресни моменти:
“На ден 06.04.2020 Понеделник, во хотел Макпетрол, Маврово – место каде што се спроведува државниот карантин на луѓето кои се вратија од Словенија, за прв пат ги слушнавме очајните повици за помош на госпоѓата од соседната соба. Жената беше легната на земја со сите знаци на паничен напад: беше избезумена, рацете и нозете и трпнеа, халуцинираше и се гушеше во солзи од страв. Моравме да интервенираме ние, луѓето од истиот спрат, бидејќи полицијата, со наше барање, само повика брза помош.
Додека полицајците стоеја на страна со заштитни ракавици и маска, ние моравме да се изложиме на ризик и не заштитени да ѝ помогнеме на госпоѓата бидејќи состојбата и се влошуваше со секоја минута. Брзата помош ја чекавме скоро два часа. За тоа време успеавме да ја нормализираме состојбата на жената.
Докторите и дадоа нешто за смирување и ја оставија овде и покрај нашите барања да биде однесена во болница бидејќи беше дехидрирана, не јадела и спиела со денови од страв и неизвесност за нејзината состојба и за состојбата на нејзината фамилија. Немала никаков контакт со нејзиното семејство бидејќи немала македонски број и интернет. Одкако го дознавме ова ние исконтактиравме со нејзиното семејство и за прв пат жената имаше пристап до нејзините.
Но паничните напади не престанаа овде. Во наредните три дена, по неколку пати на ден се случуваше истото. Конечно, во средата ја однесоа во болница. Прашавме за состојбата и полицијата ни кажа информации кои беа лажни: дека жената е дома, дека била во болница и не била тестирана за вирусот, дека била тестирана но била негативна, дека била позитивна, неколку различни приказни. Вистината е дека е однесена во болница во Гостивар, дека е тестирана за вирусот и се чекаат резултатите. Ова го дознавме од нејзината фамилија која исто така неколку дена не знаелa за нејзината состојба.
Ние го напуштаме карантинот во Петок 10.04.2020, а не знаеме дали сме имале контакт со позитивна личност од вирусот, дали сите ние ќе бидеме тестирани пред да го напуштиме карантинот, и доколку нѐ тестираат ќе добиеме ли брзи резултати бидејќи резулатите ќе треба да ги чекаме дома каде што ќе имаме контакт нашите семејства. Неизвесноста и немањето точни информации и нас не доведува во состојба на паника и страв што само допринесува на веќе постоечкиот стрес”.