Рес Публика почнува со објава на серијал текстови „Политички профили на претседателските кандидати“. Во рамки на серијалот, во наредните четири денови ќе бидат објавени блогови за секој од кандидатите на претстојните претседателски избори – проф. д-р Блерим Река, проф. д-р Стево Пендаровски, проф. д-р Гордана Силјановска-Давкова како и блог за потребата од независност за успешно вршење на претседателската функција. Вториот блог е посветен на претседателскиот кандидат проф. д-р Стево Пендаровски.
д-р Димитар Апасиев
Во политичката арена победува ораторот кој доблесно, одважно и достоинствено се држел до своите принципи и ставови во јавниот дискурс, а не оние политички „вртикапи“ кои, водени од сосем приземни и лукративни лични интереси, се поклонуваат пред парите и силата, наместо пред Правото и Правдата.
Како наближува официјалниот почеток на предизборната кампања за претстојните претседателски избори, така таа станува се пожестока и повалкана – инволвирајќи ги дури и приватните животи на членовите на потесните семејства на кандидатите и проблематизирајќи го нивниот капацитет за вршење на функцијата. Во продолжение ќе дадеме критички осврт на кандидатурата на владиниот протагонист Стево Пендаровски, од еден стручен реторички аспект, контекстуализирајќи ја на непишаните правила кои владеат во современото делиберативно говорништво.
Натофундаментализмот како единствена политичка матрица
Пендаровски (роден 1963 во Скопје) во јавноста за прв пат стана познат за време на вооружениот етнички конфликт од 2001 година, како тогашен млад, харизматичен и елоквентен портпарол на Министерството за внатрешни работи, кој на дневна основа ги соопштуваше бројките на „неутрализираните митралески гнезда на терористичката ОНА“ од страна на македонските вооружени сили. Потоа служеше како советник во кабинетите на двајцата македонски претседатели Борис Трајковски и Бранко Црвенковски, а во еден мандат беше и претседател на Државната изборна комисија.
Од 2008 почнува неговата професорска кариера на еден приватен универзитет, главно на студиски програми од областа на меѓународната безбедност, тероризмот и светската политика. Во 2014, на петтите по ред редовни претседателски избори, тој беше кандидат на СДСМ – со поддршка од нивните тогашни пратеници во парламентот – и убедливо загуби во вториот круг од актуелниот претседател во заминување проф. д-р Ѓорѓе Иванов, со освоени безмалку 400.000 гласови – речиси 135.000 помалку од Иванов.
На македонската политичка сцена Пендаровски е познат како еден од најголемите јавни пропагатори и лобисти на НАТО идеологијата и схоластички апологет на т.н. Реал-политичка школа во надворешната политика на САД. Важи за приврзаник на американскиот глобализам и империјализам и поборник за зачленување на нашата држава во овој милитарен сојуз – по секоја цена, па дури и преку илегална промена на уставното име, спротивно на народната волја изразена на Референдумот (2018), кој не го доби потребниот уставен минимален цензус за успешност.
Кандидатите треба да се чесни и честити луѓе
Зборот „кандидат“ потекнува од Римското јавно право. Етимолошки доаѓа од белата тога (лат. toga candida), која намерно била избелувана со помош на отровен чад од сулфур, а која ја носел кандидатот за избор на висока магистратска функција, на јавните места и на Форумот, за време на предизборната кампања. По неа тој се одделувал од останатите римски граѓани и на тој начин станувал воочлив во масата народ.
Од друга страна, пак, белата боја алудирала на тоа дека номинираниот граѓанин е без никаква флека, односно без црна дамка во кариерата, т.е. дека е „чист и чесен човек“. Но, дали ова можеме да го кажеме за претседателскиот консензуален кандидат на власта – Пендаровски?
Дамките на Пендаровската „бела тога“
Во неговата политичка кариера – која, фактографски гледано, повеќе е бирократско-консултантска, отколку државничка – ќе останат запаметени неколкуте дамки кои треба да бидат акцентирани при елаборацијата на неговиот кредибилитет и карактер како социјалдемократски „колерик-политичар“ од сенка:
(1) Тој денес е заеднички кандидат на владејачката „малцинска влада“, односно на коалицијата СДС и ДУИ, поточно на оние против кои ревносно војуваше во 2001 година – амнестираните воени злосторници за т.н. Хашки случаи;
(2) По т.н. Шарена револуција, во 2016, беше избран за пратеник во македонското Собрание, но подоцна – без никаков респект кон гласачите кои го гласале да биде нивен гласноговорник и народен избраник во парламентот – тивко и бесшумно беше трансфериран во Владата на премиерот Зоран Заев – како Национален координатор за подготовка на земјава за членство во НАТО-пактот.
Пендаровското премолчано одобрување на заевизмот скапо ќе го чини на изборите
(3) На овие, шести по ред претседателски избори, Пендаровски, веројатно со негова дозвола, координирано е кандидиран од страна на СДС и ДУИ „во четири лидерски очи“, иако претходно најголемата владејачка партија веќе распиша интерен Конкурс за пријавување кандидати – кој потоа ноншалантно го самопоништи, покажувајќи отсуство на елементарна политичка култура и извисувајќи ги другите потенцијални кандидати кои наивно веруваа во божемните искрени намери и во наводниот демократски капацитет на оваа владејачка клика.
Доблеста е суштинска за угледот и добриот глас на политичкиот оратор
Делиберативноста, која важи како прва придружничка на демократијата, се дефинира како неавтократска дискусија на група луѓе и нивните водачи за значајни прашања и донесување одлуки (decision making), во функција на промена на јавната политика заради остварување на заедничкото добро, односно на пошироките општествени интереси (res publica = „општо добро/јавна ствар“). Аристотел, во неговото прочуено дело Реторика, вели дека постојат три основни видови говорништво: (1) Судска реторика, или т.н. форензично беседништво; (2) Политичка реторика, или т.н. делиберативно беседништво; и (3) Пригодна реторика, или т.н. епидеиктично беседништво. За разлика од останатите два вида, кога станува збор за политичкото или уште наречено и симбулетичко говорништво – тоа, примарно, го восприема моралниот, т.е. етичкиот елемент (ethos) на граѓанинот, се однесува на иднината, критериумот кој го почитува е корисноста, доминантна аргументација е личниот пример, а конечната цел е советувањето и насочувањето на народот.
Првенствена цел на добриот политички говорник е неговото обраќање на аудиториумот да се заснова на силата на аргументите и на личниот интегритет, а не на авторитетот на силата и на моменталната општествена позиција или моќ – негова или на неговите партиски другари. Но, неспорно е дека долг е процесот за да се изградат мостови на доверба кон гласачите и електоратот, особено ако сте ги менувале изјавите за круцијални државнички и идентитетски прашања – во зависност од приликите и констелациите.
Оти, на крајот на краиштата, ние не ги слушаме зборовите, туку Човекот кој говори! Затоа, речиси секогаш, во политичката арена победува ораторот кој доблесно, одважно и достоинствено се држел до своите принципи и ставови во јавниот дискурс, а не оние политички „вртикапи“ кои, водени од сосем приземни и лукративни лични интереси, се поклонуваат пред парите и силата, наместо пред Правото и Правдата.