Преставниците на администрацијата во Брисел во четврток практично ќе и стават на маса ултиматум на Србија, објави дневниот лист Новости повикувајќи се на добро информирани дипломатски извори.
Според информации на Новости, на белградската делегација што патува на разговори со Мирослав Лајчак и претставниците на приштинските институции во седиштето на Европската унија ќе им биде врачен нацрт сеопфатен договор што подразбира де факто признавање на Косово од страна на Србија и неповратно бара од српската страна суштински да ја признае еднострано прогласената независност на Косово.
Соговорниците на Новости од дипломатските кругови тврдат дека Брисел, преку специјалниот претставник Мирослав Лајчак, планира да му предаде доверлив нацрт на шефот на српскиот тим, Марко Ѓуриќ, со барање истиот документ да го проследи до Претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Според Новости, овој нацрт го изработи ЕУ без преговори со која било од страните и злоупотребувајќи го нивното присуство во техничкиот дијалог. Во текстот се бара од Србија да го прифати членството на Косово во ООН и другите меѓународни организации – изјави за Новости добро информиран извор.
Како предигра на тоа што треба да се случи во четврток, пред два дена беше потпишан договор за соработка со Европол, кој им дава можност на властите во Приштина, да имаат свој службеник за врски во оваа европска агенција, кој обезбедува помош во борбата против тешки форми на организираниот криминал. .
Европол е со седиште во Хаг, нејзините членки се 27 земји на ЕУ, а во оваа агенција имаат свои офицери за врска Албанија, Австралија, Канада, Колумбија, Македонија, Исланд, Молдавија, Црна Гора, Србија, Норвешка, Швајцарија и Турција. Договорот потпишан од Приштина предвидува соработка помеѓу Европол и косовската полиција, царината, даночната администрација и единиците против перење пари, како и пристап до размена на информации за борба против сериозен и организиран криминал.
Досега Приштина разменуваше информации со Европол преку мисијата ЕУЛЕКС, така што овој договор е уште еден прст во окото на Белград од администрацијата во Брисел.