Повикувајќи се на дипломатски извори, австрискиот весник „Пресе“ тврди дека земјите-членки на Европската унија нема да дозволат отворање на преговори со Македонија и Албанија во јуни.
„Повеќе земји-членки на ЕУ го одбиваат почетокот на преговорите со Албанија и Северна Македонија. Тоа, на денешната (05.06.2019) средба со комесарот за проширување Јоханес Хан во Брисел уште еднаш ќе го повторат амбасадорите на членките на ЕУ. Со оглед на тоа што за почетокот на преговорите мора да се согласат сите 28 членки на ЕУ, исклучено е дека пред летото двете западнобалкански земји ќе го направат следниот чекор кон ЕУ“, пишува денеска „Пресе“, а пренесува „Дојче веле“.
Во прв ред, Франција и Холандија силно се противат на почеток на преговорите со двете земји, пишува весникот додавајќи дека ни вчерашната посета на Брисел на македонскиот премиер Зоран Заев не смени ништо во тој однос.
И кога бев министерка, го блокирав проширувањето на ЕУ со Албанија и Северна Македонија. Ние сме против тоа, и ќе останеме против тоа. Тие се географски во Европа, и мора да им се помогне, но не за проширување, изјави Натали Лојзо, носителката на листата на партијата на францускиот претседател Франсоа Макрон на европските избори, на 22 мај во интервју за француското радио РТЛ. Лојзо досега беше министерка за Европа, а во иднина ќе биде пратеничка во ЕУ-парламентот, пишува „Пресе“.
Според весникот, отпорот на Холандија е еден чекор понапред од оној на Франција, бидејќи земјата побара прекин на безвизниот режим за албанските граѓани.
Согласност за почеток на преговорите со двете земји нема и во Данска и Германија.