Педесетте километри на саат – брзината со која се вози од македонската граница до Софија – е првата асоцијација кај нас кога ќе се спомене соседна Бугарија. Некако со иста брзина се одвиваат и политичките односи, кои пак знаат и да отидат во рикверц, како што се случи изминатите месеци. Грчки аналитичар деновиве, по сите апсурди видени во спорот меѓу неговата држава и Македонија, е зачуден од постојаните топло – ладни промени во бугарската политика кон нашата држава, а особено од последната со која, според него, Софија самата си се заробила во политичка позиција која неминовно ќе ги наруши на долг рок односите со нашата држава и нејзините долгорочни нтереси. Европеизацијата и прагматизмот никако да надвладеат во Софија која е на пат да ги избрише сите ефекти од оптимизмот што во 2018 година го создаде стапувањето во сила на Договорот за пријателство и соработка и уште еднаш одбра да ја жртвува економијата заради историјата.

Бугарија и Македонија во моментов се единствените земји во Европа што немаат железничка конекција, главните градови се одалечени само 200 километри а ретко кој во Македонија слушнал за некој бугарски бренд, додека спогодба за воздушен сообраќај имаме од 1999 година, а мислена именка е се уште директниот лет од Скопје до Софија или некој бугарски центар на море. Иако прва ја призна Македонија и тоа редовно го истакнува, Бугарија воопшто не профитираше од тој факт, како и од блискоста на земјите, бидејќи никако не може да се реши дали да оди во 21 век или да расчистува истории од 19 век. Резултат на тоа е дека во моментов Бугарија, како земја членка на ЕУ на која и се достапни огромни фондови, има значајно помала трговска соработка со Македонија од Србија која помина неколку војни, еден е од најмалите странски инвеститори кај нас, грчките перформанси во земјава може да ги сонува, а може и да учи лекции од економија од нашата држава бидејќи македонски фирми се поприсутни таму отколку бугарски во нашата држава.

Податоците покажуваат дека со години трговската размена меѓу Македонија и Бугарија е „стани-падни“, со рекорд во 2018 година од 742 милиони евра и пад веќе идната 2019 година, наспроти Србија која стигнува до една милијарда, а исто така и Грција, чија трговска размена со нашата држава е во постојан двоцифрен раст. И додека Грција, наспроти финансиската криза, за дваесет години инвестирала речиси половина милијарда евра во нашата држава и нејзините компании се меѓу најпрофитабилните во земјава, Бугарија едвај инвестирала 150 милиони евра.

Дека економијата ја следи политичката ситуација се гледа и од овие показатели: трговијата меѓу Македонија и Бугарија растела до 2011 година, па почнала да опаѓа до 2017 година, кога се потпиша Договорот за пријателство и соработка. Во последните две години повторно беше отворена трговската канцеларија на Бугарија во земјава , која како резултат на лошите односи во времето на Никола Груевски се затвори во 2015 година. Се формираше и Македонско-бугарски бизнис клуб и се активираше Бугарско-македонската стопанска комора која постои од 2011 година, но немаше терен за преголема активност. Исто така, се одржа првиот состанок на фамозната Комисија за економска соработка (пандан на Комисијата за историски и образовни прашања, но никој не знае за неа), која постои од 2011 година, а профункционира дури минатата година. Во Скопје лани се одржа првиот бизнис форум на кој присуствуваа околу 100 сопственици на компании од двете земји, со намера да се одржува секоја година, но како стојат работите, додека не се реши чиј е Гоце Делчев, може да се заборави на тоа и реално никој веќе не го споменува. А, еве како изгледаше „новата ера“ што двата премиери ја најавија само пред една година.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here