Камењата на архелошкиот локалитет Кале, кај штипско Крупиште, ќе мора да почекаат да ја кажат тајната дали тука е напишана првата словенска азбука. Иако по речиси четири децении молк од државата, за годинава беа обезбедени средства за продолжување на истражувањата и конзервација, поради пандемијата со корона вирусот, работа на терен нема.
„Првиот проект за истражување на катедралната базилика во Крупиште беше работен многу одамна уште пред 40-тина години , но таа не е истражена до крај. Планираме да добиеме еден проект кој ќе го конзервираме за да заокружиме една целина и во тој дел“ велат од штипскиот Музеј
Аз, буки, веди тоа се првите букви од глаголицата што Свети Кирил ги напишал во деветиот век, кога ја создал првата словенска азбука. Иако со векови се спори за потеклото на светите браќа, но и за местото каде е напишана глаголицата, сега кај славистите преовладува т.н Македонска теорија. За тоа потврда наоѓаат во краткото житие наречено Успение Кирилово каде се вели дека Методиј бил поставен за управник на словенска област по течението на Брегалница, а набргу тука му се придружил и неговиот брат Кирил по што ги напишал првите словенски букви. Има сериозни претпоставки дека тоа можеби се случило на локалитетот Кале.
Во Крупиште има четири цркви и една петокорабна катедарала од 4 до 10 век. Археолошки докази дека тука некогаш се наоѓал голем епископски центар. Академик Блага Алексова што во осумдестите години од минатиот век го откри овој локалитет тука го лоцира градот Равен каде се изградил катедрален храм за моштите и реликвиите на петнаесетте тивериаполски маченици. Но има и други теории.
Ако претпоставката дека Крупиште е место каде е напишаната глаголицата, тогаш тоа значи дека тука се преведени и најзначајните црковни книги, кои светите браќа Кирил и Методиј ги користеле при нивната најзначајна мисија-Моравската.
Но, засега овој локалитет е далеку од тоа да ја раскажува приказна за првата словенска азбука. И понатаму останува скриен во трева и троскот. Според зборовите на мештаните, пред пандемијата, го барале само авантуристи, најчесто Руси, кои опремени со мапи доаѓале да го видат местото каде можеби била напишана првата словенска буква.
Извор:24.mk/