Не е исклучен овој пат Пендаровски да одреди помалку денови вонредна состојба од максимално предвидените 30, како што му предлага Владата
Изборите ќе може да се одржат дури на 12 јули, односно во период што го посочи како прв можен лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, доколку шефот на државата Стево Пендаровски одреди нови 30 дена вонредна состојба, како што предлага Владата.

Но не е исклучено Пендаровски овој пат да одреди помалку денови вонредна состојба.

За очекуваното продолжување на вонредната состојба во секој момент треба да почне да расправа Советот за безбедност, а од Владата најавија дека таму ќе го образложат својот предлог вонредната состојба и овој пат да трае 30 дена, што би значело дека Северна Македонија цели 90 дена ќе биде во вонредна состојба.

Новиот термин за одржување на изборите, пак, е поврзан со завршувањето на вонредната состојба. Поточно, изборите треба да се одржат во рок од 22 дена од завршувањето на вонредната состојба. Така што, ако вонредната состојба трае уште еден месец и заврши на 15 јуни, тогаш прв можен термин за избори во недела би бил 12 јули.

Премиерот Оливер Спасовски, кој е потпретседател на СДСМ, во вторникот, исто така, изјави дека ДИК треба да ги спроведе изборите согласно со роковите предвидени со Уредбата на Владата за изборниот процес.

Првичниот предлог на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, беше изборите да се одржат на 14 следниот месец или евентуално до крајот на јуни, додека јули го отфрлаше како период за избори, со образложение дека тогаш ќе бидат големи жештини.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here