Според податоците од најновиот извештај на Светска Банка за земјите од Западен Балкан, јавниот долга на Северна Македонија за 2018 година се зголемил во однос на 2017-тата и достигна 49% од БДП. Поради трошоците за плати во јавниот сектор и ненасочените социјални програми, кои го сочинуваат најголемиот дел од јавната потрошувачка, неопходно е да се подобри ефикасноста на фискалната политика, се нотира во извештајот. Сања Маџаровиќ Шујстер, виш економист за Светска Банка во регионот, рече дека Северна Македонија мора да изнајде начин и да развие политика за поттикнување на економскиот раст.
„Една работа што би сакала да ја повлечам и која произлегува од извештајот е дека и покрај периодот на растот во изминатите неколку години во регионот, јавниот долг сепак не е намален. Изминатата година Албанија, Србија и Босна и Херцеговина забележале намалување, меѓутоа другите земји не забележале вакво намалување. Ова е периодот кога се очекува поради растот, јавниот долг барем да се стабилизира“, изјави Сања Маџаровиќ Шујстер – виш економист на СБ за Западен Балкан.
И покрај економскиот раст, во извештајот се подвлекува дека во 2018 година темпото на креирање работни места е забавено, како одраз на ограничената динамичност на приватниот сектор. Бојан Шимов, претставник на Светска Банка во Северна Македонија, рече дека по закрепнувањето на политичката клима, земјава треба да им посвети внимание на економските реформи.
Инаку, Светска банка останува на проекциите за економскиот раст на државава кој годинава ќе изнесува 2,9 проценти и очекува негово постепено зголемување до 3,2 процента во следната година. Во пролетниот редовен економски извештај за Западен Балкан што беше презентиран денеска се оценува дека економскиот изглед на државата е позитивен и се препорачува по подобрените политички состојби, акцентот да се стави на економските реформи. Раст од 2,9 проценти Светската Банка прогнозира и за Црна Гора, додека за Албанија проценува раст на економијата од 3,8 проценти, за Босна и Херцеговина од 3,4 проценти, за Косово 4,4 проценти, а пак, за Србија 3,5 проценти.