Италијанскиот весник „Газета дело Спорт“ бомбастично објави дека поранешниот капитен на Интер, Мауро Икарди, ги договори личните услови со Јувентус. Според весникот, Аргентинецот се согласил да потпише петгодишен договор со „старата дама“ за плата од осум милиони евра по сезона, плус дополнителни бонуси.
Раководството на Интер по ангажманот на Ромелу Лукаку од Манчестер јунајтед му даде одврзани раце на Икарди да бара нов клуб, а тој одлучи кариерата да ја продолжи во италијанскиот шампион. Аргентинецот имаше понуди и од Рома, Наполи и Монако, но желбата да игра заедно со Кристијано Роналдо пресуди тој да ги одбие сите понуди и да се договори со „старата дама“.
Екипата на Интер за својот напаѓач бара помеѓу 55 и 60 милиони евра, сума која Јувентус може да ја плати откако ќе ги продаде Пауло Дибала и Марио Манџукиќ за кои постои голем интерес помеѓу европските екипи.