На 18 јуни, во Основниот кривичен суд во Скопје, судечкиот совет на чело со судијката Васка Николовска-Масевска ќе ја соопшти пресудата за случајот „Рекет“. Обвинети се Бојан Јовановски-Боки 13 за примање награда за противзаконито влијание и за перење пари и Катица Јанева за злоупотреба на службената положба и овластување.
Закажувањето доаѓа откако денеска своите завршни зборови ги кажаа Јанева и нејзините адвокати, а вчера тоа го направи и Боки со својот бранител.
Обвинителката Вилма Русковска, пак, завршните ги даде на рочиште на 26 мај.
Истрага за овој предмет, Русковска ја отвори на 15 јули лани. Оттогаш, Боки се наоѓа во притвор, а околу еден месец подоцна беше приведена и Јанева. Таа пресудата ќе ја дочека од домашен притвор бидејќи во ноември лани притворот во затворот во Шутка ѝ беше заменет со домашен.
Судскиот процес пред првостепениот суд во Скопје започна на 3 декември лани. Со Боки и Јанева на обвинителна клупа тогаш седна и Зоран Милески-Кичеец за примање наградата за противзаконито влијание, но тој призна вина и веќе наредниот ден доби затворска казна од три години. Неговата пресуда сè уште не е правосилна бидејќи за тоа неа треба да се изјасни и Апелација до каде што тој заедно со својот адвокат има поднесено жалба за висината на казната.