Од Македонците 75 % се загрижени за моменталната состојба во светот и земјата, а кај етничките Албанците 56 %. Дека не се загрижени, пак, кај Македонците одговориле 24 %, а кај Албанците 44 %
Вкупно 42,7 проценти од граѓаните сметаат дека коронавирусот е излезен од лабораторија. 36,7 проценти сметаат дека тоа е со намера, а 6 отсто дека е по грешка. Околу 23 проценти, пак, не знаат како се појавил, покажуваат податоците од најновото истражување на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и М-Проспект.
На истото прашање за постоењето и потеклото на коронавирусот, ставовите се различни во македонската и албанската етничка заедница.
Така, речиси 48 проценти од Македонците сметаат дека коронавирусот е направен во лабораторија. 41,8 отсто одговориле дека е направен во лабораторија со намера, а 5,9 дека е направен во лабораторија по грешка.
Кај албанската етничка заедница, пак, 25 проценти се на став дека вирусот не постои. Исто толкав е процентот и на оние Албанци кои одговориле дека вирусот е направен во лабораторија со намера.
Од Македонците 5,7 проценти сметаат дека вирусот не постои.
Дека потеклото на вирусот е поврзано со воспоставување на 5Г мрежи во светот и кај Македонците и кај Албанците одговориле околу 5 проценти.
Граѓаните биле прашани и за тоа колку се загрижени кога размислуваат за моменталната состојба во светот и земјата во однос на ковид-19 и корона-кризата.
„Големо мнозинство, односно 71,3 проценти од граѓаните се изјасниле дека се загрижени (28,6 проценти се многу загрижени), а мало малцинство (28,5 проценти) рекле дека не се загрижени (16,6 проценти воопшто не се)“,
пишува во истражувањето.
И за ова прашање можат да се забележат разлика по основ на етничката припадност.
Процентот на Македонци кои се чувствуваат загрижени изнесува 75,4 проценти, а на етнички Албанци е 56,2 отсто. Дека не се загрижени, пак, одговориле 24,3 проценти од Македонците и 43,8 од Албанците.
Генерално, мнозинство од граѓаните – 60 проценти се загрижени дека тие лично ќе се заразат со ковид-19 односно 21 процент се многу загрижени, а 39 донекаде.
Кога станува збор за загриженоста на граѓаните дека можеби без да знаат веќе го имаат и го шират вирусот, речиси 50 проценти рекле дека се загрижени (многу или донекаде), а 45,5 отсто, пак, одговориле оти се воопшто или донекаде незагрижени.
Истражување било спроведено во периодот од 16 до 22 мај, со телефонски анкети на македонски и албански јазик на примерок од 1 000 испитаници. Резултатите од истражувањето, наведуваат авторите, се подложни на статистичка грешка од 3,1 проценти, со прифатливо ниво на доверба од 95 отсто.
Извор: 360stepeni.mk