Парите со кои е сликана Катица Јанева во нејзината дневна соба, според Јовановски, се за мебел, а не од рекет
Обвинителката Русковска вели дека најголемиот дел од исказот на Боки е невистина и клеветење за што нема никаков доказ или аргументи
Каде завршила чантата „Луј витон“ за која се тврди дека била полна со еден милион евра?

Ова прашање за еден од клучните докази во предметот „Рекет“ денеска се покрена низ сведочењето на првообвинетиот Бојан Јовановски – Боки 13.

Според обвинението кое го подготви обвинителката Вилма Русковска и снимките кои прво излегоа во италијанскиот весник „Ла Верита“, а подоцна беа прикажани и во судница, се упатува на тоа дека фамозната чанта од домот на бизнисменот Орце Камчев ја изнеле Бојан Јовановски и Зоран Милески – Кичеец, на 20 февруари 2019.

Но, понатаму, според одбраната, таа била вратена од каде што е земена, а според обвинителството завршила во семејната куќа на родителите на Јовановски во скопско Тафталиџе.

Критичниот ден, сведочеше денеска Јовановски, точно е дека заедно со Милески биле на кафе-пиење кај Камчев, но тврди, ниту ја допрел чантата, ниту видел пари.

„Не разговаравме ништо за таа торба, ја немав видено. Кога ја видов, беше затворена, не сум бил присутен кога е направена снимката каде што се бројат парите. По половина час, заминавме, Милески ја зеде со таква леснотија, а пишува дека таму имало еден милион евра. Заминавме, Зоран Милески ме остави пред домот на моите родители и си замина со торбата. Беше затворена, не видов никакви пари, ги видов на камера тука. Во ниеден момент немам никаков допир со таа торба. Ако обвинителството ја пронајдеше, можеше да ја извештачи и да докаже нешто… Не случајно побарав да бидат изведени видеоснимки од камерите од семејниот дом на Камчев зашто таму ќе се види дека на 21 или 22 февруари истиот Зоран Милески ја враќа истата торба кај Камчев. Тие хард-дискови ги има во оригинал во обвинителството“,

зборуваше Боки во денешното сведочење.
Но, Русковска уверува дека и овој но и останатите делови од исказот на Јовановски не се вистинити и убедува дека чантата завршила во куќата на неговите родители.

„Што се однесува до торбата за која тврдеше дека ја видел кога Милевски ја земал и после 2-3 дена кога ја вратил, во анализата на неговиот телефонски уред има слика, точна локација каде што живеат родителите на Бојан Јовановски и точно време, торбата е внатре. Имаме и време и локација, кое нешто се совпаѓа со тоа дека откај Камчев, торбата завршила во куќата каде живеат родителите на Бојан Јовановски. И тој доказ беше и презентиран и доставен до судот“,

рече Русковска пред новинарите коментирајќи го исказот на Јовановски.
Нејзиното тврдење, пак, го негираше адвокатот на Боки, Сашко Дукоски. Вели, ниту има слика ниту снимка, туку само податоци за локацијата „уловени“ преку базната станица за мобилна телефонија.

„Има базна станица. Она што го кажа обвинетиот, дека кога Милески го враќал од домот на сведокот (Камчев) во домот на неговите родители. Каква ташна, каква снимка?! Осудениот (Милески) воопшто се нема качено во домот, туку само го оставил. Јас извршив увид во тоа што ми е дадено, јас таква снимка немам видено, одговорно тврдам дека не постои“,

вели Дукоски.
„Парите од фотографијата со Јанева се за мебел“
Боки денеска зборуваше и за фотографиите и кратките снимки од поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева како седи во нејзината дневна соба, а на масата има снопче пари, за кое обвинителството проценуваше дека се 50 000 евра. Таквите фотографии и снимки, кои ги направил Јовановски, беа прикажани во судница, а тој денеска тврдеше дека станува збор за пари за мебел, а не пари од рекет.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here