За една година македонските граѓани купувале повеќе странски отколку домашни, македонски производи. Квалитетот на производите, цената, стандардот, улогата на маркетингот се само дел од факторите кои придонесуваат за изборот да падне на странски производ.
Во донесувањето одлука дали да се купи домашен производ или странски, македонските граѓани сепак изборот го правеле на странски производ. Па така, според податоците на Управата за јавни приходи, односно преку регистрираниот промет преку апликацијата „Мој ДДВ“ се гледа дека од јули минатата година, до средината на овој месец, на домашни производи биле потрошени 10,8 милијарди денари, а на производи од увоз 19,7 милијарди денари.
Според упатените постојат повеќе причини поради кои граѓаните ги одбираат странските производи, а најчестата е квалитетот на конкретниот производ.
Според Славчо Јорданов, сопственик на компанија за прехранбена индустрија во Неготино, цената не е причината поради која граѓаните повеќе купуваат странски производи. Јорданов вели дека домашните производи имаат пристапни цени, а може да се пофалат и со добар квалитет. Но според него голем дел од трговските компании увезуваат евтини производи од надвор и за нив е најважно да ги продадат и да заработат.
„Маркетите имаат поголем да ги продаваат странските производи. Затоа што странските компании нудат добри маркетинг ангажмани. Тоа се мултинационални компании кои инвестираат, имаат таргет македонскиот пазар на пример и за нив не е проблем да стават акцент на добар маркетинг за нивните производи, настапуваат јако, бараат дистрибутери кои ги форсираат нивните производи, а нас не потиснуваат од пазарот“, вели Јорданов.
Јорданов вели дека постојано ги следат движењата на понудата и побарувачката на пазарот и се обидуваат да сфатат зошто странските производи повеќе се купуваат од домашните. Нивните теренски истражувања покажале дека домашните производи најмногу се купуваат во руралните области, додека центарот на Скопје секогаш им дава предност на странските производи.
„Оние кои имаат повисок стандард повеќе купуваат странски производи, воопшто не ги погледнуваат домашните производи. Ние тоа сме го анализирале по градови и региони. Во центарот на Скопје на пример најмногу се купуваат интернационални производи, додека во периферните делови повеќе се купуваат, нашите македонски производи“, вели Јорданов.
Но, за професорот Зоран Ивановски објаснува дека Македонија не создава производи со поголема додадена вредност кои се пософистицирани и кои подразбираат современа технологија, па според него очекувано е изборот да падне на странските производи.
„Кога зборуваме и за луксузни производи, некако како да сме ориентирани кон брендовите. Така што јасно е дека кога одбирате парфем, ќе одберете некој познат, а не некој кој не е бренд, а можеби и подобро мириса. Или ако треба да одберете познат бренд на сок или некој помалку познат, ќе го одберете првото. Така што тука се работи и за навики, маркетинг и др. фактори. Но, мене ме загрижува тоа што во секторите каде што Македонија има добро и квалитетно производство, на пример кај производството на земјоделски производи пак заостануваме, и сме поголем увозник отколку што извезуваме“, вели професор Ивановски.