Освен мерките за киноприкажување, дополнителен проблем кај репертоарското работење („Милениум“) е понудата на нови премиерни наслови. Речиси сите светски премиери во овој период беа откажани, и чекајќи на бранот на нивно појавување, можеме да се потпираме исклучиво на фестивалски прикажувања или репризи на постари наслови, вели Русе Арсов, директор на Младинскиот културен центар
Изведувачките уметности и филмот летово им се вратија на публиката. Со помалобројна публика желна за културни настани, со почитување на мерките, се отворија неколку летни сцени за работа на кино на отворено, а се реализираа и некои летни манифестации. Но, како ќе изгледа новата сезона? Театрите беа едни од првите културни институции што престанаа да работат по појавата на Ковид-19. И се чини дека ќе бидат и меѓу последните што ќе бидат отворени за публика, како што велат театарските менаџери.
Какви се шансите за култура на затворено во есенскиот период? Побаравме мислење од д-р Александар Стојановски, кој е член на Комисијата за заразни болести.
– Летниот период имавме протокол за работа на театрите на отворено и на киносалите, што беше со капацитет од 50 отсто публика во гледалиштето. Во затворен простор ќе треба да биде сигурно 30 отсто. Во затворените простории проблем е климатизацијата, без разлика колку се големи салите, некој од прв ред може да зарази некого од последен. Ризикот е поголем. Сè уште е рано за помасовни настани на затворено – вели д-р Стојановски.
Откако беа донесени протоколите за организирање културни настани, Младинскиот културен центар – МКЦ речиси цело лето има активности, промоции, проекции на отворено.
– Се обидуваме да организираме што е можно повеќе програми на алтернативни локации на отворено, а секако тука спаѓаат и филмски проекции како „кино на отворено“. Уште при разговорите за креирање на протоколите беше договорено дека континуирано ќе се следи развојот на целата ситуација и дека при крај на летото повторно ќе се увидат можностите и протоколите за работење во затворени простори. Во МКЦ секојдневно ги следиме примерите од останатите земји и како сродните културни институции одговараат на локалните мерки и сметаме дека и ние сме подготвени соодветно да одговориме на тие предизвици – вели Русе Арсов, директор на МКЦ.