Македонската фудбалска репрезентација вечерва ги почнува квалификациите за Европското првенство во 2020 година, овој меч е голем јубилеј за Горан Пандев, нашиот капитен ќе го одигра 100. натпревар за националниот тим.
Македонија започнува нов квалификациски циклус, овој пат за Европското првенство во 2020 година. По одличниот настап во Лигата на нации, очекувањата се поголеми од претходно.
Македонија е во групата Г заедно со селекциите на Полска, Австрија, Словенија, Летонија и Израел. Една неатрактивна група во која може да се надеваме и на повисок пласман. Првите две репрезентации од групата обезбедуваат пласман на континенталното натпреварување.
Циклусот го започнуваме на домашен терен против Летонија. Влегуваме како реален фаворит и се освен три стартни бода ќе биде неуспех.
Летонија е селекција која е во криза, во изминатата година имаше само една победа во 12 одиграни натпревари. Во Скопје доаѓаат со нов селектор и надеж за подобри резултати. Во тимот немаат голема фудбалска ѕвезда.
Натпреварот меѓу Македонија и Летонија се игра вечерва на „Филип Втори“ Арената со почеток од 20:45 часот.