Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на прес-конференција соопшти дека СДСМ го заклучува 15 јули како последен и единствен датум за избори.
„За да не страна народот и да им се овозможи на Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ да учествуваат, го заклучуваме 15 јули како конечен, последен и единствен датум на избори на кој гарантирано ќе учествува опозицијата. Денеска повторно разговарав со Мицкоски и ми потврди дека е подготвен да учествува на избори“,
рече Заев.
Тој го повика Мицкоски да излезе и јавно да го потврди датумот.
„На крајот викаат човекот е голем и тежи онолку колку што му тежи зборот, затоа го повикувам два-три пати сега да излезе и да потврди“,
рече Заев на прашање какви гаранции има од Мицкоски дека ќе излезе на избори.
За изборите да се одржат на 15 јули, рече Заев, ќе се бара претседателот да прогласи нова вонредна состојба за да може да се направат и промени во Изборниот законик.
Една од промените е бидејќи 15 јули е среда, а не недела. Ќе се гласа и на 13 и 14 јули (понеделник и вторник) кога своето право на глас ќе може да го остварат болните и изнемоштените, лицата кои се позитивни на ковид-19, како и оние кои се во самоизолација. Молкот, пак, ќе настапи на 12 јули, недела на полноќ.
Периодот за гласање на 15 јули, рече Заев, ќе биде зголемен, па наместо од 7 до 19 часот, би се гласало два часа подолго односно од 7 до 21 часот.
Двајцата лидери се договориле да го информираат претседателот Стево Пендаровски кој, пак, понатаму треба да ги извести останатите политички партии. Заев и Мицкоски ќе ги известат членовите на ДИК од нивните партии за да седнат, рече лидерот на СДСМ, и да ги усогласат сите протоколи.