Германија е подготвена да ги укине забраните за патување на граѓаните од сите земји членки на ЕУ, и на Велика Британија, Исланд, Норвешка, Лихтенштајн и Швајцарија од 15 јуни.
Германија планира да ја продолжи до 31. август забраната за влез на нејзина територија за сите граѓани кои не се од ЕУ, јавуваат неименувани извори од германската влада. Како што пренесе „Ројтерс“, се очекува Владата на оваа земја утре да ја потврди оваа одлука.
Ова значи дека македонските државјани нема да може да пристапат во Германија, се до крајот на август. Се разбира доколку германската Влада ја потврди оваа одлука.
Словенија и Бугарија ги затворија границите за Македонија
Словенечката Влада објави дека донела одлука сите оние кои доаѓаат од Северна Македонија да мораат да одат во задолжителен 14 дневен карантин, јави дописникот на МИА од Љубљана.
Ваквата одлука важи за сите, без разлика дали се државјани на Словенија, Северна Македонија или држава членка на Европската Унија.
– Епидемиолошката ситуација во Северна Македонија е вонредно тешка. Сите они кои во Словенија ќе дојдат од таа држава, дури и словенечките државјани, мораат да одат во 14 дневен карантин, објави словенечкото Министерство за внатрешни работи.
Карантинот за Словенците кои се враќаат дома од други земји е укинат пред три недели.
Пред само неколку денови и Бугарија воведе задолжителен двонеделен карантин за македонски државјани.
Бугарското Министерство за здравство издаде наредба за задолжителен двонеделен карантин за лица од Северна Македонија кои ќе влезат во земјата.
Имено, како што јави БГНЕС, со истата наредба се укинува задолжителниот двонеделен карантин за граѓаните кои пристигнуваат од Босна и Херцеговина и од Црна Гора во Бугарија.
Двете промени се предложени од Главниот државен здравствен инспекторат на Бугарија по оценката на епидемиолошката состојба и ризикиот од ширење на Ковид-19 во Бугарија.