Аргентинската легенда Диего Армандо Марадона има план да биде тренер на англискиот великан Манчестер јунајтед, па на „црвените ѓаволи“ им порача дека ако сакаат трофеи, мора да го ангажираат.
Од заминување на сер Алекс Фергусон, Манчестер јунајтед освои премалку трофеи во споредба колку пари фрли на засилувања во изминатите шест години, а моментно Оле Гунар Солшер ја има довербата за да ја врати славата на „Олд Трафорд“. Но, Марадона за „Фор Фор Ту“ порачал дека ако „ѓаволите“ сакаат да се вратат на старите патеки ќе мора да го ангажираат.
„Ако Јунајтед бара вистински тренер, јас сум правиот човек. Знам дека продаваат многу дресови низ светот, но мора да освојуваат титули. А, трофеи можам јас да донесам. Јунајтед беше мојот омилен клуб во Англија и тоа многу долго. Толку сјајни играчи и сјајни тимови имаше во ерата на сер Алекс Фергусон. Но, сега повеќе навивам за – Манчестер сити. Знам дека омилен тим не се менува, ама тоа е поради Кун Агуеро. А, Јунајтед го паметам одамна. Игравме на ‘Олд Трафорд’ во Купот на куп-победниците во сезоната 1983/84… Каква бучава беше тоа, како на ‘Бомбоњера’ (домот на Бока јуниорс – н.з.)“, вели Марадона.
Аргентинецот нема успешна кариера како тренер, имаше очаен настап со Аргентина како селектор, сега е тренер на мексиканскиот второлигаш Дорадос…