Масовното тестирање на околу 800 текстилни работници завршува утре. Забраната за работа и денеска се почитва и не се слушаат машините во фабриките. Во денешниот здравствен билтен новите позитивни случаи се од само од една штипска конфекција, која работниците ги пушта на колективен годишен одмор до 17 јуни.
Директорката на Центарот за јавно здравје, Марија Димитрова вели дека над 70 отсто од активните случаи се текстилни работници од седумте конфекции, најмногу има во првата која беше затворена, таму од сто работници над 50 се заразени со коронавирусот.
Од 104 активни случаи до вчера од нив 77 се текстилни работници, а остнатите се членови на нивните семејства. Утре завршуваме со скринигот на конфекциите. Потоа целосно ќе се посветиме на тестирање на контактите на досега позитивните, бидејќи ни се појавија поединечни случаи за кои засега не можеме да утврдиме дали се поврзани со кластерот на конфекциите, велат од Центар за јавно здравје во Штип.
Во понеделник кога завршува забраната за работа две од конфекциите нема да работат, работниците се пуштени на годишен одмор. Оние кои од понеделник ќе ги отворат погоните мора да имаат Ковид 19 координатори. Тие ќе ги предупредуваат работниците за држење на дистанца и носење на маските во фабриките, но и за време на паузите.
Општинските инспектори утврдиле дека Половина од контролираните автобуси што ги возат работничките ќе добијат казни, бидејќи не се почитувала Уредбата за бројот на патници. Прекршувања, иако помали, констратирале и од Државниот инспекторат за транспорт кои ги проверувале автобусите што носат работници од други општини. На инфективното одделение се хоспитализирани 21 пациент, со лесна и средна клиничка слика, а некои од нив и се на кислородна поддршка.