Американската амбасада во Израел објави безбедносно предупредување до сите американски граѓани во Израел.

Амбасадата на САД ги повика Американците да бидат внимателни и да не патуваат во области што биле цел на ракетен напад од Појасот Газа во неодамнешната ескалација на насилството меѓу Хамас и израелската армија.

Предупредувањето беше објавено синоќа, пред годишнината од отворањето на американската амбасада во Ерусалим, кое се совпаѓа со неделата на натпреварот за песна на Евровизија.

„Терористичките групи може да ја изберат годишнината, која се совпаѓа со евровизискиот натпревар (14-18 мај) во Тел Авив и Денот Накба (15 мај) за вршење напад или насилни протести“, се вели во соопштението објавено на официјалната веб-страница на Амбасадата.

Во Израел на 12 мај официјално беше отворена неделата на Евровизија во Тел Авив и илјадници полицајци, болничари и друг персонал се сместени во Евровизиското село затоа што се очекува 300.000 луѓе да го посетат градот по тој повод.

Палестинските фракции во Газа мобилизираат луѓе за марш кон границата на Израел на 15 мај, кога Палестинците ја одбележуваат Накба („катастрофа“), како што го нарекуваат создавањето на Израел во 1948 година. Во војната што следуваше стотици илјади избегаа или беа истерани од своите домови на денешната израелска територија.

„Безбедносни инциденти може да се случат далеку од Газа во секое време, како што се покажа од 3 до 5 мај со ракетните напади на југот на Израел, вклучувајќи ги и градовите Ашдод, Ашкелон и Бер Шева и на 14 и 25 март со ракетните напади врз централен Израел“, предупреди амбасадата на САД.

Во судирите предминатиот викенд Палестинците испукаа повеќе од 700 ракети и минофрлачки гранати во Израел, при што загинаа четворица цивили.

Тоа беа првите жртви на Израел од војната меѓу израелската армија и Хамас во 2014 година, која траеше 50 дена.

Израелската војска одговори со напади од воздух и од земја убивајќи 25 Палестинци, меѓу кои и десет екстремисти, две бремени жени и бебе.

Испукувањето изолирани ракети на 14 и 25 март палестинските екстремистички организации го припишаа на погрешно ракување при одржувањето.

За време на минатогодишните протести по повод Денот на накба, откако американската амбасада беше отворена во Ерусалим, повеќе од 60 Палестинци беа убиени од израелски оган.

Израел тврди дека ги брани своите граници и ги обвинува екстремистите на Хамас, кои владеат во Газа, дека ги користат масовните протести во близина на граничната ограда како покритие за напади.

Натпреварот за песна на Евровизија се одржува во Тел Авив, откако израелската пејачка Нета Барзилаи победи минатата година во Лисабон. Првото полуфинале е вечерва, второто в четврток, а финалето е в сабота.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here