Голем број експерти стравуваат дека образовниот систем не е подготвен за ниту една опција.
Речиси на две недели пред стартот на новата учебна година, Министерството за образование и покрај неколкуте состаноци со Комисијата за заразни болести и со Министерството за здравство, сè уште нема донесено конечна одлука како ќе се одржува наставата од први септемрви.

Родителите се во забуна, наставниците исто така, а долгите дискусии на социјалните мрежи се секојдневие.

Голем број експерти стравуваат дека образовниот систем не е подготвен за ниту една опција – за онлајн настава сметаат дека нема доволно обучен кадар, но и дека нема решение што со учениците кои немаат дома компјутер. За одење во училиште, пак, родители очекуваат одговори на поголем број прашања – колку време децата ќе бидат во училница, ќе има ли целодневна настава, колку ќе трае часот, а колку одморот.

Доколку поради кризата со ковид-19 се одлучи наставата од први септември да се одржува онлајн, Плусинфо побара одговори од Бирото за развој на образованието, колку и како наставниот кадар е подготвен за реализација на овој вид настава.

Оттаму велат дека овие денови е поставена обука за наставниците за користење и креирање основни алатки за реализација на наставата, како и дека во тек е процесот за акредитација на програми за обука од областа на учењето на далечина коишто би се реализирале со почетокот на учебната година и би им биле поддршка на наставниците при реализација на наставата.

– Исто така, во преговори сме со УНИЦЕФ и со други организации за поставување и организирање вебинари, упатства, дополнителни материјали за образование на далечина со цел наставниците да можат да се усовршуваат во таа насока и да им бидат од корист при секојдневната работа – ни одговорија од Бирото.

На прашањето како се покажа порталот „Едуино“ и дали ќе се продолжи со користење на истата таа платформа доколку наставата се одржува онлајн, од Бирото објаснуваат дека уште на почетокот на здравствената криза бил изработен порталот „Едуино“, кој бил надополнуван со функционалности за да се олесни реализирањето на онлајн наставата на почетокот на оваа учебна година.

– „Едуино“, пред сè, не е платформа за каква што МОН и Бирото се залагаат да се изработи на национално ниво и тоа јасно е посочено во Концепцијата за образование на далечина за основните и за средните училишта, што работна група формирана од министерот ја изработи во текот на јуни и јули, и врз основа на којашто, се надеваме, новата влада и министер за образование ќе продолжат да работат и да овозможат нејзино воспоставување – велат за Плусинфо од Бирото за развој на образованието.

Истражувањето кое што Бирото го има спроведено во текот на летните месеци со околу 10.000 испитаници (од кои околу 6.500 наставници, 3.000 родители и 500 директори) покажа дека особено во основното образование се користеле содржините од „Едуино“ (58% од наставниците одговориле дека преку „Едуино“ ја реализирале наставата), а помалку во средното образование (само 7% од наставниците), но тоа е и разбирливо, бидејќи во кусиот период март-април не биле во можност за надополнување на базата со снимени лекции за средно образование, затоа што не биле во можност да обезбедат наставници кои доброволно ќе се јават и ќе снимаат лекции, а и поради специфичноста на дел од средното образование, особено стручното и уметничкото образование.

Од Бирото велат дека располагаат со „Learning Menagement System“ кој е наменет за професионален развој на наставниците. Тоа значи дека во овој момент системот може да се користи за поставување на обуки за далечинско образование на наставниците, но не и за учениците. Начинот на поврзување на различни компоненти и функционалности потребни за реализација на настава во училиштата ќе се реши со воспоставување на планираната национална платформа.

Министрите за образование и за здравство имаа спротивставени ставови околу почетокот на учебната година – Адеми лично смета дека треба физичко присуство бидејќи ништо не може да го замени традиционалниот начин на образование. Филипче, пак, е за онлајн настава бидејќи вели дека е ризик присуството на децата во училишните клупи имајќи предвид дека не се знае каква есен нѐ очекува.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here