Шест месеци по почетокот на проектот за партнерство меѓу тимот кои ги изведуваше кардиохируршките операции кај бебиња со вродени срцеви мани на Клиниката за детска хирургија и Жан Митрев пукна тиквата. Иако подогло време неофицијално се зборуваше дека работите не одат како што треба, детскиот кардиохирург Владимир Чадиковски и официјално соопшто дека си поднел оставка, а деновиве се очекува и другите луѓе од тимот да го следат неговиот чекор, следни ќе бидат анестезиолозите, а потоа и педијатрите. Причините за практично пропаѓање на проектот, како што велат упатените се многу подлабоки и не треба да се сведат на судир на суети на двајца доктори, иако Чадиковски и Митрев имаат историја на несогласувања. Овие предупредувања се чини дека не допираат до министерот за здравство Венко Филипче, кој по оставката на Чадиковски изјави дека детската кардиохирургија ќе остане кај Митрев.

Она што треба Филипче да го објасни на јавноста е како може кардиохируршките операции на деца да останат кај Митрев, кога услов за тие да почне да се прават во оваа приватна болница беше толку префрлањето на тимот кој работеше на Клиниката за детска хирургија. Второ ако во приватната болница можело да се прават овие операции зошто не се правеле и пред да се префрли тимот, зошто со години бебињата со вродени срцеви маани се праќаа на операција во Бугарија и на крајот зошто ако нема разлика меѓу кардиохирургијата за возрасни и неонаталната кардиохирургија не и се дозволи истото да го работи и „Аџибадем Систина“. МЗ треба да каже и каква дозвола за работа има оваа приватна болница и како ја добила, односно дали условите поради кои ја добила не се променети.

Но наместо одговори од ресорното министерство велат дека клиниката „Жан Митрев“ и понатаму ќе се извршуваат кардиохируршки операции на децата до една година, кои се на товар на Фондот за здравствено осигурување.
„Експерти и доктори од Република Србија, во директна соработка со македонските доктори работат на овозможување соодветен здравствен третман на сите пациенти, вклучително и на децата до една година. Докторот Жан Митрев како кардиохирург смее да оперира и бебиња, нема никакво ограничување. Природно е да има флуктуација во работниот ангажман на медицинскиот кадар, но тоа никако не влијае на концептот кој е уреден со договорот“, велат од Министерството за здравство.
Зошто си заминува Чадиковски засега не кажува. Неговиот отказен рок е три месеци, но се надева дека веднаш спогодбено ќе се раскине договорот за вработување. Неофицијално тој и тимот веќе преговараат со друга приватна болница.

Неофицијално причините лежат во непочитување на договорени обврски од страна на одговорните во болницата, неисполнување на обврските од Министерстото за здравство кое требаше да го регулира и правно јавно-приватното парнерство како и нестручноста и импровизациите кои се правеле во текот на работењето.

Од Фондот за здравствено осигурување засега нема официјална реакција околу случувањата со детската хирургија. Неофицијално велат дека треба да се седне и да се разговара со сите засегнати страни, а потоа да се каже како е најдобро да продолжат работите.

-Со овој проект имавме добри намери да се спои најдоброто од јавното и приватното здравство. Проблемот што се јавува е системски и така треба да му се пристапи. Можеби треба да се преиспита дали земја мала како нашава воопшто треба да има детска кардиохирургија – велат извори од ФЗО.

Од приватната болница „Жан Митрев“ не одговараат на поставените прашања поврзани со проектот за детска кардиохирургија, а во краткото соопштение што го испраќаат до медиумите се наведува дека детска кардиохирургија во склоп на клиниката тече без никаков застој и продолжува соработката со Министерството за здравство.

„Моделот за детска кардиохирургија во склоп на Клиниката тече без никаков застој. Пред само неколку денови успешно беше изведена една од најтешките и најкомплексните операции на срце кај новородени. Се прават планови за оперативен третман за уште 20-тина деца во наредните неколку недели. Соработката со Министерството за здравство продолжува и понатаму“, се вели во соопштението од клиниката „Жан Митрев“.

Тимот кој работеше на детската кардиохирургија во Клиниката за детска хирургија заедно со буџетот за овие интервенции во висина од еден милион евра, од први јануари годинава поминаа кај Жан Митрев. Иако тогаш ова се најавуваше како јавно-приватно партнерство сепак формално правно беше регулирано само со проширување на договорот за соработка што приватната болница веќе го имаше со Фондот за здравствено осигурување. Падна во вода и тврдењето дека парите всушност ќе го следат тимот, како некаква гаранција за тоа што триесетина луѓе решија од Клиниката за детска хирургија да заминат во приватната болница, по одлуката на ресорното министертсво и ФЗО дека овие две работи треба да се спојат за доброто на пациентите.

По ова станува јасно дека пропаѓа во вода проектот за детска кадриохирургија во кој државата инвестираше во изминатите шест години. Дали и како ќе продолжат овие операции да се прават во иднина останува да се види. Министерот Филипче утре треба да се сретне со Чадоковски, а веројатно средба ќе остави и со Митрев кога тој ќе се врати од годишен одмор.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here