Министерството за здравство на барање на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) во наредните денови ќе организира бесплатен скрининг за новинари и медиумски работници за КОВИД – 19.

Како што соопштија од Министерството за здравство, причина е што последниот период новинарите и медиумските работници кои известуваат на терен за активностите на учесниците во предвремените парламентарни избори, поради зголемениот обем на работа, се дополнително изложени на вирусот, а истовремено во ЗНМ е пријавено дека во дел од националните медиуми има нови позитивни случаи на заразени и оние кои се сомневаат дека се заразени.

Скринингот ќе биде во два круга – во првиот ќе бидат опфатени новинари и медиумски работници од информативните програми од поголемите медиуми, за да се утврди дали и колку од вработените се заразени, бидејќи поголем број лица работат во исто време во ограничен простор.

Според првичната проценка, со скринингот ќе бидат опфатени најмалку 500 новинари и медиумски работници во првиот круг во период од 3 дена, а во зависност од исходот на ова соодветно ќе се планира временската рамка и начинот на спроведување на скринингот и во вториот круг.

Подетални информации до редакците ќе бидат испратени во текот на утрешниот ден за да се направи соодветен распоред за спроведување на скринингот. За останатите помали редакции, дополнително ќе следат информации за скринингот по завршување на првиот круг, соопштија од Министерството за здравство.

Вчера беше објавено дека снимателот и камерман од албанската редакција во Македонската радио-телевизија (МРТ) Шенол Афмети почина од коронавирусот.

Тој е втор медиумски работник кој ја загуби битката со ковид-19.

Пред еден месец по кратко боледување почина и 44-годишниот Беким Бајрамоски од струшкото село Лабуништа. Тој речиси две децении работеше како техничар во локалната струшка телевизија „Спектра“.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here