Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, објави дека министрите, замениците-министри и државните секретари во Владата од редовите на ДУИ одлучиле од платата да задржат само 14 500 денари, а остатокот да го донираат во солидарниот фонд за борба против ковид-19.
„Одлуката на Уставен суд мора да се почитува, но солидарноста е лично право и морална должност на секој од нас. Ние, министрите, замениците министри и државните секретари во Владата, кои доаѓаат од редовите на ДУИ, одлучивме разликата на нашите примања, над минималната плата, да го донираме во солидарниот фонд на Владата. Борбата против ковид-19 сигурно ќе ја добиеме, но важно е притоа секој од нас да излезе подобар од истата“, објави Османи.
Платите на вицепремиерот и министрите се движат од 65-75 000 денари.
Ваквиот чекор следува откако вчера Уставниот суд реши да поведе постапка за оценување на уставноста и дотогаш да ја запре Уредбата на Владата со која во април и мај минимална плата требаше да земат сите избрани, именувани и назначени лица во јавниот сектор – пратеници, шефот на државата, министри, градоначалници, судии, обвинители…