Потврдени се пет случаи на заболени работници од штипска компанија, која од денеска, со одлука на сопственикот, нема да работи во наредните седум дена. Најнапред беа позитивни тестовите кај тројца работници, кои имале сипмтоми на ковид, по што се појавија уште два нови случаи, потврдија за Канал 77 од Центарот за јавно здравје во Штип.
Анкетата на епидемиолозите покажала дека работниците се групирале на пауза и меѓусебно се дружеле. Освен тоа, машините во погонот се поставени на мало растојание.
По појавата на ковид во оваа компанија, во изолација се поголема група на луѓе, бидејќи според анкетите, заболените имале голем број на контакти. Ова го проблематизира целиот процес на ставањето на болеста под контрола по пикот во Штип, што го предизвика појавата на вирусот во седум штипски конфекции.
Како што дознаваме, денеска има уште неколку работници, кои дошле на работа со симптоми.
Инаку, првата конфекција од каде почнаа првите случаи на заболени, се’ уште е затворена и по изминувањето на три недели. Таму повторувањето на тестовите се’ уште не е завршено. По скринингот беа утврени 53 позитивни од 110 работници. Зошто толку време трае овој процес, од центарот за јавно здравје немаа одговор.
И денеска има нови случаи на ковид во Штип, но како што соопштија од Центарот, бројката е едноцифрена.
202 се активни случаи во Штип до вчера. Хоспитализирани се 21 пацинет на Инфективното одделение во Клиничката болница во Штип.