Се надеваме дека институциите и обвинителството соодветно ќе реагираат за овие прекршители да немаат можност да го повторат ова исто кривично дело, а дека Владата и институциите ќе ги заштитат авторските и сродните права како што е насекаде во Европа, и нема да подлегнат на вакви уцени и силеџиство, што сите го видовме вечерва, реагираат петте национални телевизии (Алсат-М, Телма, Канал 5, Сител и Телма) по едночасовниот прекин на сите ТВ-програми од страна на операторите.

Петте телевизии се обединети во Македонската медиумска асоцијација (ММА) велат дека се вчудовидени од денешниот потег на кабелските оператори со кој, оценуваат, им е извршен упад во програмите.

„Кабелските оператори велат дека станувало збор за некаква неуставна законска регулатива, но за спорови околу уставноста на законите се произнесува Уставен суд, а не се прекршуваат договорите за реемитување со телевизиите, и не се малтретираат корисниците и гледачите кои за услугите плаќаат за да гледаат програма. Оние кои произведуваат програма знаат дека екранот е светост, кон црн екран применуваат само оние што не знаат колку е тешка работата да се произведе гледана и квалитетна содржина, туку се научени без никаква надомест да преземаат содржина и од тоа да прават профити“,

пишува во соопштението од ММА.
Црн екран во знак на протест: Операторите ги исклучија ТВ-програмите

Тие велат дека се особено изненадени од, како што велат, самоволието на Дојче Телеком и А1 Австрија, кои се убедливо најголеми оператори.

„Една од причините за ваквата аздисаност и крајно некоректно однесување, е и фактот што кабелските оператори постојано нелегално реемитуваат телевизиски канали и програми за кои немаат регулирано авторски и сродни права, за што имаат десетици кривични пријави и тужби, а јавното обвинителство не постапува против овие осомничени криминалци, со цврсти и обемни докази и аргументација. Непостапувањето на обвинителството доведе до постојано преповторување на истите кривични дела со пиратерија, како и денешното ново кривично дело-а тоа е дрзок упад во програмите на 5 национални телевизии во Македонија – настан без преседан во Европа“,

обвинува ММА.
Телевизиите потсетуваат дека имаат валидни договори со операторите во кои прецизно стои дека тие немаат право да прават измена на програмата, како што се случи денеска.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here