Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) утринава го доби петтиот претседател во историјата и тоа во името на Муамед Сејдини, познатиот спортски работник по потекло од кичевското село Зајас.
Во изминатиот период наголемо се кршеа копјата за тоа кој да биде нов предводник на македонскиот фудбал, низа имиња беа во игра, но на крајот правдата победи – најфудбалското име заслужено си доби мандат и признание од УЕФА и ФИФА дека е нов претседател на ФФМ.

Во борбата со фудбалските анонимуси Влатко Костов, Вујадин Станојковиќ и Харалампие Хаџиристески, кои во животот немаат апсолутно никаква врска со овој спорт, Сејдини сосема заслужено победи во овој меч, од кој сите претходно се откажаа. Што е и нормално, ако се земе предвид неговата биографија. Некои медиуми шпекулираа дека во трката за нов претседател ќе се појави и Горан Пандев, но и тој веројатно се исплаши од крајниот исход, со оглед на тоа кого ќе имаше за противник.

Ако некому не му е јасно, зошто Сејдини е вистинскиот човек за да го води македонскиот фудбал, ние ќе ви дадеме најмалку пет причини, поради кои ќе ви се разјасни нашиот став околу оваа проблематика.

1. Сејдини со своите фудбалски познавања уште од раната младост отскокнуваше меѓу врсниците во кичевско, па оттаму и борбата на најголемите македонски клубови да го имаат во свој табор. Знаејќи дека во Македонија може само да назадува, Сејдини реши да го скокне ова подрачје, што беше вистински потег – тој направи блескава играчка кариера во најсилните фудбалски лиги во Европа, т.н „лиги петка“.

2. Контактите кои ги направи низ својата фудбалска кариера во Европа, му помогнаа и во тренерската. Откако за рекордно време ја обезбеди ФИФА Про лиценцата, со успех водеше неколку европски екипи, кои не беа на ниво на екипите каде што настапуваше во играчката кариера, но сепак… Таква среќа во животот има само Зинедин Зидан.

3. Познавањето на три светски јазици, покрај албанскиот и македонскиот, беше голема предност пред неговите противкандидати за фотелјата и секако ќе бидат од голема корист во комуникацијата со централите на УЕФА и ФИФА.

4. Зашто во изминатите шест години само поради неговата волја за фудбалски развој, во времето на владеењето на неговиот претходник, Македонија ги имаше најдобрите успеси во историјата. Пласманот на младинската селекција на ЕП, успехот на Вардар во Лига Европа и пласманот на Македонија во полуфиналето во Лигата на Нациите се само дел од неговата богата (остварена) агенда.

5. Затоа што не е Илчо Ѓорѓиоски. И веројатно некој од идните претседатели на ФИФА или УЕФА ќе му подаде рака при обидот да им честита за изборот…

Можеме да набројуваме и понатаму, но предвид ги земавме само општопознатите работи.

Извор: sport1.mk

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here