Од први мај започнува аплицирањето за финансиската поддршка на работодавачите од 14.500 денари по вработен. Министерката за финансии Нина Ангеловска најави дека се направени одредени промени од кои една од нив е тоа што сега ќе може да се отпуштаат работници иако првично беше речено дека за користење на оваа мерка работодавецот мора да ги задржи работниците најмалку до јули.
„Сега со промената се дозволува флексибилност, односно намалување на бројот на вработени до 15 проценти кај микро и мали фирми, до 10 проценти кај средни компании и до 5 проценти кај големи компании.“, рече Ангеловска.
Поголема финансиска поддршка ќе добијат секторите угостителство туризам и транспорт како најпогодени, бидејќи овие дејности воопшто немаат приходи. А исто така, како новина се воведува и тоа што фирмите оваа помош може да ја трансферираат во грант, односно да не ја вратат. Условите се да имаат добивка претходните две години, да не се должници на УЈП, да не доцнат со плаќање на кредитите и да инвестираат во тренинзи на вработените.
„За времетраењето на мерката работодавачот не треба да исплаќа дивиденда, односно награди за успешност, бонуси од денот на влегување на сила на оваа уредба до исплата на платата за месец мај.“, изјави Лукаревска.
Преку видеоизјава се обрати и директорот на Светска банка за Северна Македонија и Косово Марко Мантованели кој рече дека компаниите кои пред кризата работеа добро сега голем дел од нив се борат за опстанок.
„Знаеме дека е важно ваквиот начин на поддршка да биде брз, транспарентен и временски ограничен. Од почетокот на кризата ние сме во тесна соработка со Владата на Северна Македонија како и со многу влади во светот за да го обезбедиме нашиот најдобар совет за тоа како да се заштитат приватниот сектор и истовремено да се задржи вработеноста во овие времиња без преседан.“, вели Мантовели.
Мерката за финансиска поддршка ќе биде еден вид финансиска инекција од 100 милиони евра од кои 50 милиони ќе се кофинансираат со заем од Светската банка.