Луѓето не веруваа дека вирусот постои, затоа имаме втор бран на зараза со Ковид-19 во Штип, иако градот беше пред прогласување победа над корона вирусот, вели во интервју за Фактор, првиот човек на градот Штип, Благоја Бочварски. Најголемиот број на инфицирани во овој момент се вработени од неколкуте конфекциски фабрики, нагласува градоначалникот, потенцирајќи дека тоа е дирекна последица од начинот на кој се превезувани до работните места. Градоначалникот Бочварски потенцира во текот на овој продолжен викенд се врши масовниот скрининг на работниците и дека веќе во понеделник треба да има резултати од тестовите. Секако, како што вели, очекува да има новозаразени, и додава дека конфекциите ќе останат затворени додека не се создадат услови за нивно безбедно враќање на работните места.

До демеска најдоцна треба да заврши скринингот на вработените во конфекциите, има ли резултати од досега направените тестови?

Во текот на изминатите денови се врши масовно тестирање на работници и работнички од текстилната индустрија. Се работи за повеќе од 800 вработени од 7 текстилни компании во Штип, или нешто над 10% од овој сектор. Во текот на овој продолжен викенд, ќе бидат тестирани околу 430 лица по што ќе ги очекуваме резултатите. Јасно е дека овие неколку дена ќе има нови позитивни случаеви, но тоа покажува дека нашиот систем на брза детекција функционира, пред се овде мислам на здравствениот систем, но и на општинскиот и главниот штаб кои се во постојана комуникација.

Штип е еден од градовите каде што овој викенд ќе има целосна забрана за движење од четврток до понеделник наутро, затоа испратив и барање до Главниот штаб во Владата и побарав да биде донесен посебен акт со кој ќе има целосна забрана за работа на сите текстилни фабрики во градот, без можност преку инспекторатите да добијат било каква дозвола за работа овој викенд.

Убеден сум дека во моменти на целосено затворање за градот и забрана за движење за сите граѓани, недозволиво е во оваа индустрија да се работи, токму таму каде што во моментот имаме поголем број случи на заразени граѓани.

Сметам дека во овој момент треба пред своите индивидуални интереси да ја имаме обврската да бидеме солидарни и да го држиме правецот на заштита на личното и колективното здравје на граѓаните. Тоа е наша заедничка обврска која ни ја носи ова време вклучувајќи ги институциите, граѓаните и стопанствениците со цел да спречиме состојбата со Ковид-19 да излезе од контрола.

Затоа во овој момент секој, ама буквално секој треба да се откаже од нешто за интересот на сите.

Јас се надевам дека преку овој наш јасен пристап со насоки кон секој општествен чинител во овој момент и поддршка од граѓаните ќе придонесеме по викендот бројките на заразени почнат да паѓаат, вработените да се вратат на работните места, а со тоа и економијата да се стабилизира.

Има информации дека и покрај затворањето на шесте конфекциски фабрики од каде беа регистрирани позитивни на корона вирусот, дека сепак работат. Се прави ли увид на терен дали е тоа навистина така и дали ќе има санкции за сопствениците?

Според насоките вработените од секоја конфекција се тестираат во просторот на фабриката во претходно утврден тајминг од страна на ЦЈЗ и веднаш после нивниот термин за тестирање ослободуваат и се враќаат дома во задолжителна изолација се до добивање на резултати. Од ова не смее да има отстапка. Затоа го покренав и прашањето на целосна забрана за работа на целиот овој гломазен сектор во градот во текот на викендот, и за среќа успеавме можеби прв пат Владата да донесе таква мерка и до крај да биде испочитувана од сите 70 компании.

Вицепремиерот Бујар османи најави дека во компаниите ќе бидат вработувани Ковид-координатори, разговаравте ли за ова и каков е вашиот став во однос на ова прашање?

Ова е предлог за кој разговаравме со Вицепремиерот Бујар Османи на состанокот на Општинскиот штаб за заштита и спасување во Штип, каде што беше присутен и претставник на текстилниот кластер, и претставник на невладината организација за заштита на работниците Гласен Текстилец. Ова барање е апсолутно остварливо и прифатливо со цел заштита на здравјето на граѓаните. Целта на тој координатор е да внимава дали во текот на работниот процес, но и на паузите се почитуваат препораките во делот на носење на заштитна маска и веднаш да укажува доколку дојде до групирање на вработените.

Извор: https://faktor.mk/

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here