Во Собранието на Северна Македонија денеска продолжува собраниската расправа за избор на новата влада, предложена од мандатарот Зоран Заев.

Вчера во своето експозе пред пратениците, Заев се осврна на приоритетите на новата влада, со акцент на економијата и социјалната политика.

Ова е мала Влада што ќе ја предводам, посочи Заев, во која членуваат мотивирани и посветени личности, кои ќе работат на остварување на поставените цели во стратешки интерес на државата.

Во експозето за предложениот нов состав на Влада Заев им порача на кандидатите за министри дека од нив очекува одговорност, како и да ги стават интересите на граѓаните и државата на прво место.

Покажавме, што значи да се спасуваат работни места и да се одржува стабилна економија и во време на пандемија, и ова, посочи Заев, е мотив да продолжиме да работиме да се вратиме на стапките на раст, зошто можеме.

– Се обврзуваме во време на криза минималната плата да ја задржиме на 14.500 денари и да ги помагаме граѓаниете и компаниите. По завршување на кризата Владата ќе се обврзе на 20 до 30 отсто раст на минималната и просечна плата. Наша цел е 20 илјади денари минимална плата до крај на мандатот. Во зависност од траењето на светската криза, се обрзуваме да оствариме раст од 4 посто, рече Заев во експозето.

Најави отворање разговор и носење со консензус одлука за даночната политика. Ќе продолжиме, најави Заев, со инвестирање во нови патишта и автопати и железничка инфрастурктура.

Следува, посочи Заев, реформа на јавната администрација, со цел да даде максимум ефикасни услуги на граѓаните.

Најави дека следува целосно прочистување на судството и градење правна држава. – Судиите за кои ќе се докаже дека свесно и намерно застарувале предмети ќе бидат разрешени. Предметите на СЈО ќе мора да добијат разрешница. Воспоставуваме систем за проверка на имот на сите функциониер. Силната заложба во борбата против корупцијата е и новиот министер за борба против корупцијата, изјави Заев.

Откако влеговме во НАТО, нагласи Заев, ќе покажеме дека можеме и во ЕУ.

– Новата Влада е посветена на договорите од Преспа и со Бугарија, кои го овозможија тоа. Ќе продолжиме посветено да работиме на добрососедските односи. Ќе продолжиме и со Охридскиот рамковен договор, кој е основа на меѓуетничкиот соживот. Пред нас е период во кој како држава ќе добиме многу повеќе отколку што ќе дадеме. Се обврзуваме во следните четири години да отвориме 80 проценти од преговарачките поглавја, изјави Заев.

Опозицијата најави дека ќе гласа против оваа Влада. Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ најави дека наесен ќе има големи демонстрации, и рече дека оваа Влада ќе биде со најкраток мандат.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here