Околу настапот на Тамара Тодевска како претставничка на Северна Македонија се крева голема фрка. Значи нешто се случува, а и треба да е така. Секоја реклама е добредојдена. Всушност фрката се случи поради потегот на пејачот Васил Гарванлиев кој е нејзин пратечки вокал, а кој вчера пред сите присутните во прес-центарот излезе со плакат во бојата на виножитото, преку кој отворено не само што ја поддржува светската ЛГБТ заедница, туку сите оние кои се декларираат како хомосексуалци, лезбијки, транссексуалци, бисексуалци ги повикува јавно да гласаат на 16 мај за Тамара и песната “Горда“.
Инаку, досега вакво нешто се нема случено ниту со еден наш претставник на Евровизискиот фестивал. Или не сметаа на гласовите од ЛГБТ или се срамеа? Очигледно дека Тамара функционира поинаку и во склад со актуелностите во светот, па нејзиниот тим е убеден дека најверојатно во таа “грмушка лежи зајакот“. И со право сметаат на голем број гласови токму од Меѓународната ЛГБТ заедница, бидејќи ЛГБТ заедницата е една од највлијателните на овој фестивал. Па, “живи били, па видели“, што би рекле нашите евровизиски конкуренти од Србија.